Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Мислењето на Министерството за правда бр.11-1920/2 од 16 јануари 1995 година.
2. Миливоја Стаматовски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе инцијатива за оценување уставноста на мислењето озна чено во точата 1 од ова решение, затоа што не било во согласност со член 7 став 2 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека Мислењето е упатено до Собранието на Општина Тетово како одговор на неговото барање да се разјасни суштината на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.99/94 од 25 октомври 1994 година, со која беше укинат член 12 од Законот за органите на управата. Според мислењето “споменатата одлука на Уставниот суд на Република Македонија се однесува на примената на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо пред органите на државната управа. Согласно член 7 од Уставот на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадници на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон. Случајот на Собранието на општина Тетово, според Уставот е во духот на нормите и истиот е правилен во смисла на начин на реализација на член 7 ст.2 од Уставот н а Република Македонија”.
4. Судот смета дека оспореното мислење нема карактер на правен акт, затоа што не уредува никакви односи ниту е основ за нивно натамошно уредување или решавање во поединечни работи. Тоа само изразува политички став на едно министерство во врска со едно актуелно уставно-политичко прашање што на правен начин не обврзува никого – ниту собранието на кое му е упатено, ниту самото министерство што го дало, ниту пак другите државни органи.
5. Поради тоа, Судот оцени дека, согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот, поради што одлучи како во точкаата 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и Тодор Џунов.( У.бр.48/95)