51/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на “акт” на Стопанска банка АД Скопје со кој било предвидено да се плаќа данок на каматите на депонираните девизни штедни влогови.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Мифит Муча од Струга му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлука на Стопанска банка АД Скопје со која било предвидено да се плаќа данок на каматите на депонираните девизни штедни влогови, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека пресметувањето на данокот од доход по приходи од камата на депонирани девизни штедни влогови во банките не е уредено со акти на банката ниту, пак, со одлука на Стопанска банка АД Скопје, туку дирекно е применет член 47 став 4 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) во кој покрај другите е предвиден и данок на камата на депонираните штедни влогови и тековни сметки.
Со оглед на тоа што не е донесен акт на Банката Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.51/95).