202/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на урбанистичкиот проект за седма зона од централното градско подрачје во седма урбана единица во Охрид, донесена од Собранието на општина Охрид на 29 септември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Гоце Маринкоски и други станари од колективната станбена зграда на улица “Дејан Војвода” бр.2 од Охрид, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката озна чена во точка 1 од ова решение, затоа што по завршувањето на јавниот увид и јавната расправа по нацртот на урбанистичкиот проект Заводот за урбанизам и архитектура извршил измена на нацртот проектирајќи ја интерната сообраќајница на означената колективна станбена зграда како јавен пат-транзитна улица, а Министерството за урбанизам… Подрачна единица-Охрид не излагајќи го вака изменетиот нацрт проект повторно на јавен увид и расправа, во форма на предлог урбанистички проект го доставил на усвојување на Соранието на Општина-Охрид. По овој предлог Собранието на Општина Охрид на седница одржана на 29.11.1994 година ја донело спорната одлука за усвојување на урбанистичкиот проект, што не било во согласност со член 23 став 1 точка 3 во врска со член 19 став 1 точка 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се усвојува урбанистичкиот проект за VII зона од централното градско подрачје во VII урбана единица во Охрид. Составен дел на Одлуката се текстуалниот дел, графичкиот приказ, одговори на приговори од граѓани и одредбите за примена на урбанистичкиот проект.
Од прилозите доставени кон одлуката Судот утврди дека во нацртот на урбанистичкиот проект било предвидено сообраќајницата да се отвори покрај индивидуалните семејни згради, а целта на нејзиното отварање било таа да прими посебно значење како трговска улица, затоа што на Ул.”Дејан Војвода” биле од една страна изградени индивидуални семејни згради и колективни станбении згради со продажни простори во приземјето од другата страна. Ваквото решение имало оправданост поради тоа што раскрсницата со голема фреквенција била на оддалеченост од околу 80 м., па водењето на сообраќајот претставувал само пречка во нормалното одвивање на сообраќајот.
Понатаму, Судот утврди дека со Решение бр.403 од 29 март 1993 година нацртот на урбанистичкиот проект за VII зона од централно градско подрачје во VII урбана единица, е ставен на јавен увид пред граѓаните кој траел 15 дена од 29.03.1993 година до 12.04.1993 година.По обезбедниот јавен увид од доставениот записник, Судот утврди дека на 13 април 1993 година е одржан собир на граѓаните во врска со оспоренииот урбанистички проект. Од содржината на записникот може да се констатира дека од граѓаните имало повеќе забелешки за отварањето на предвидената сообраќајница. Исто така, од увидот на доставените писмени приговори од граѓаните, Судот утврди дека повеќето од приговорите се однесуваат на предвидената сообраќајница,во кои се истакнува дека воопшто немало потреба од отварање на предвидената сообраќајница и се предлага да остане постоечката фактичка состојба. Притоа, во приговорите се наведува дека со отварањето на предвидената сообраѓајница ќе се создаде голем број имотно-правни спорови, ќе дојде и до зафаќање на површини од дворните места, до рушење на објекти, посебно до рушење на гаражи кои биле од тврда градба.
Од одговорот на приговорите, составен дел на Одлуката и од писмениот одговор на Собранието на општината, Судот утврди дека по повод приговорите за означената сообраќајница било изнајдено друго поповолно решение и во предлогот на урбанистичкиот план е предвидено новата сообраќајница да биде покрај колективната станбена зграда, со која се задоволувале потребите на сите објекти од овој простор.
Од изнесената фактичка состојба Судот утврди дека предвидената измена на урбанистичкиот проект во поглед на спорната сообраќајница е извршена по повод забелешките дадени во текот на јавната расправа.

Исто така, Судот утврди дека Министерството за урбанизам градежништво и заштита на животната средина со свој акт бр.20-6998 од 8 ноември 1994 година, на предлог-урбанистичкиот проект дало претходна согласност.
4. Според член 13 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/90) во зависност од подрачјето за кое се донесуваат плановите се просторни и урбанистички, а како еден од видовите урбанистички планови е и урбанистичкиот проект. Според член 19 став 3 од Законот урбанистичкиот проект се донесува за населено место или делови од населено место на кое претстои комплексна изградба или реконструкција или претставуваат посебно карактеристични урбанистичко-архитектонски односно историско-градителски целини.

Според член 31 од Законот просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази, нацрт на план и предлог на план. Нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа за урбанистички план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на планот.
Според член 32 од Законот урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Органот на управата надлежен за урбанизам, според член 33 од Законот, му доставува на собранието на општината предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Согласно член 34 став 2 и 3 од Законот собранието на општината ги донесува урбанистичките планови, а урбанистичкиот проект може да се донесе врз основа на основен урбанистички план, по постапка што со овој Закон е утврдена за детален урбанистички план.
Од изнесените законски одредби произлегува дека урбанистичкиот проект е еден вид на урбанистички план, дека урбанистичките планови се донесуваат по претходно излагање на јавна расправа и по претходна согласност од Републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот и дека предлогот на планот се подготвува врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа, при што во Законот не е предвидена обврска за прифатените забелешки од јавната расправа кои довеле до измена на нацртот на урбанистичкиот план повторно да се организира јавна расправа.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај е спроведена јавна расправа согласно член 31 од Законот, предлогот на урбанистичкиот проект е подготвен врз основа на прифатените забелешки, а за неприфатените забелешки е дадено образложение, како и со оглед на тоа што претходно е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олг а Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.202/94