5/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за пристапување кон измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-409/1 донесена од Собранието на Општина гостивар на 8 ноември 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Таип Љуши од Гостивар, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што по донесувањето на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, Собранието на Општина Гостивар, без да постои барање од овластен орган ја донело оспорената одлука со која се пристапува кон измени и дополнувања на урбанистичкиот план за поништување на дел од габаритот на КП.1227/1 на кој е предвидена изградба на објект П+3.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 37 став 2, а во врска со член 34 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање и дека со неа се пристапило кон измена на Деталниот урбанистички план во делот на КП.1227/1, а се однесува на поништување на дел од габаритот на локацијата П+3.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по неа, затоа што со оспорената одлука само се запиочнува постапка за измени и дополнувања на планот и се уште нема донесено акт за изменување и дополнување на планот, кој согласно член 110 од Уставот може да биде предмет на уставно-судска оценка.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.5/95).