214/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 став 5 од Одлуката за стапките и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/91), донесена од Собранието на Република Македонија.
2. Здружението на занаетчии и други самостојни стопанственици од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорената одредба од одлуката не била во согласност со уставното начело на еднаквост, затоа што предвидувала стапката на придонесите за здравствено осигурување на занаетчиите и другите самостојни стопанственици, како и на работниците вработени кај нив, да се пресметува според најниската цена на работната сила корегирана со коефициентите за сложеност на трудот, што значи како и за работниците кои работат во претпријатијата, а сето тоа во ситуација кога личниот доход на овие лица не зависи само од сложеноста на трудот што се врши кај нив, туку и од други фактори на пазарното стопанисување.
3. На седницата Судот утврди дека со членот 1 од наведената одлука е утврдена стапката на придонесот за задолжителното здравствено осигурување за основна здравствена заштита на работниците во организациите, на работниците кај приватните работодавачи, на граѓаните кои се занимаваат со дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните, граѓаните кои вршат професионална дејност и други. Притоа, со ставовите 1 и 2 е утврдено дека основидата за пресметување на придонесите претставува остварениот б руто личен доход на осигурениците, додека според ставот 3, за осигурениците на кои не им се утврдува личен доход основица за пресметување и плаќање на придонесот претставува нивната даночна основица. Понатаму, со ставот 4 утврдено е дека основицата за спремсетување на тој придонес не може да биде помала од висината на цената на работната сила со најмала сложеност. Според оспорениот став 5, до утврдувањето на коефициентите за сложеноста на трудот со посебни прописи односно со колективен договор, наведената основица не може да биде пониска од најниската цена на работната сила корегирана со коефициентите што во продолжение на оваа одредба од одлуката се утврдени за секој степен на стручна подготовка одделно.
4. Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор. Според членот 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од, меѓу другото, општествената положба.
Со член 12 од Законот за здравствена заштита се утврдени категориите на граѓани на кои им се обезбедуваат правата од основна здравствена заштита, меѓу кои и работниците во претпријатијата, лица кои самостојно вршат дејност како и на работниците вработени кај нив. Со членот 64 од Законот е утврдена обврска за плаќање придонес од личниот доход на осигурениците заради обезбедување на средства за основната здравствена заштита, по пат на задолжително здравствено осигурување, при што како носители на оваа обврска се определени и двете наведени категории осигуреници. Со членот 65 е утврдено дека основица за здравствено осигурување е остварениот бруто личен доход. На граѓаните на кои не им се утврдува остварениот личен доход таква основица е даночната основица. И во едниот и во другиот случај основицата се утврдува најмалку во висина на цената на работната сила за соодветен степен на сложеност на трудот. Според членот 71 висината на придонесите за здравствено осигурување ги утврдува Собранието на Република Македонија на предлог на Владата.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека правото на здравствено осигурување на граѓаните, како составен дел на социјалното осигурување, се остварува под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и со колективен договор. Понатаму, произлегува дека работниците во претпријатијата, од една страна и работните луѓе кои вршат самостојна дејност и работниците вработени кај нив од друга страна со законот се меѓусебно изедначени како осигуреници – носители на права односно носители на обврски од здравственото осигурување. Во оваа смисла со Законот е утврден минимум на здравствена заштита (основна здравствена заштита) и минимум придонеси што се плаќаат заради остварување на оваа заштита (задолжителното здравствено осигурување) кои подеднакво се однесуваат на сите категории осигуреници. Притоа, Законот утврдил и еднаква мера за утврдување на висината на тие придонеси, што ја врзал за висината на личниот доход (бруто-личен доход) која еднакво се однесува на сите осигуреници на кои им се пресметува личен доход (без оглед дали се работници во претпријатие, работници кај приватен работодавец или приватен работодавец кој остварува личен доход) односно за висината на даночната основица која исто така еднакво се однесува на сите осигуреници на кои не им се пресметува личен доход. Притоа, висината на таа основица (повторно како еднаква мера за сите) е врзана за сложеноста на трудот и е утврден еден минимум на таа основица, кој не може да биде помал од најниската цена на работната сила, како елементарен услов за обезбедувањето на минимумот право од здравственото осигурување – основната здравствена заштита.
Судот смета дека оспорената одлука ги утврдува стапките на придонесите за здравствено осигурување на начин и методологија кои произлегуваат од цитираните законски одредби, односно со почитување на со закон дадената мера: личниот доход како основица во случаите кога на дадена категорија осигуреници им се утврдува личен доход (без разлика дали се работници или работодавачи или самостојни занаетчии), односно даночната основица за оние осигуреници на кои не им се утврдува личниот доход. Од тоа произлегува дека оспорената одлука содржи еднаква мера за исти категории осигуреници и нееднаква мера за различни категории осигуреници (според критериумот дали им се утврдува или не им се утврдува личен доход), односно дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со принципот на еднаквоста.
Што се однесува на прашањето дали двата различни начини за пресметување на придонесот за здравствено осигурување предвидени со оспорената одлука правилно се применуваат во практиката на нејзиното спроведување, односно прашањето дали на сите индивидуални случаи на кои не им се утврдува личниот доход придонесот им се пресметува според даночната основица, не е прашање на оценка на уставноста на оспорената одлука, туку прашање на неговата примена, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.214/94)