206/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија ” Бр.70/92), на седницата одржана на 8 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА став 2 и 4 на член 6 од Законот за изменување на Законот за заштита и користење на земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/91), во деловите кои гласат “од став 1 на овој член” и “на подрачјето на катастарската општина”.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.206/94 од 21 декември 1994 година, по сопствена иницијатива, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во став 1 на член 6 од означениот закон беше предвидено сопственикот кој има намера да го отуѓи земјоделското земјиште е должен да го понуди на граѓанин или правно лице од подрачјето на катастарската општина во која се наоѓа земјиштето што се отуѓува по продажна цена во моментот на продажбата во таа катастарска општина. Судот, исто така, утврди дека со своја Одлука У.бр.31/93 од 25 октомври 1994 година, го укинал став 1 на член 6 од Законот, од причини што оцени дека со оваа одредба е востановена обврска сопственикот земјоделското земјиште да може да го продаде само на граѓанин или правно лице од подрачјето на катастарската општина каде што се наоѓа земјиштето, која норма не упатува на земјиштето, туку на субјектите – купувачи на земјиштето, поради што оцени дека ваквата обврска не може да се смета како мерка за заштита и рационално користење на земјоделското земјиште и дека со неа се создава нееднаквост на граѓаните од другите катастарски општини кои имаат во сопственост земјоделско земјиште што се граничи со земјиштето што се отуѓува.
Судот утврди дека во став 2 на член 6 од Законот е предвидено “сопственикот” од став на овој член е должен со препорачано писмо или со подавка предку судот од општа надлежност да му го понуди земјоделското земјиште за продажба првенствено на граѓанин или правно лице и сопственик на земјиштето или на граѓанин или правно лице чие земјиште се граничи со понудената катастарска парцела”, а во став 4 е предвидено доколку “на подрачјето на катастарската општина” нема заинтересиран граѓанин или правно лице за купување на понуденото земјиште, истото го купува Републиката по продажна цена во моментот на продажбата во таа катастарска општина. Со оглед на тоа што став 2 на означениот член од Законот се повикува на укинатиот став 1, а во став 4 и натаму се употребува терминот “на подрачјето на катастарската општина” може да создава обврска земјиштето и натаму да се продава само на граѓани од иста катастарска општина, односно законот и натаму да се толкува и применува со наведеното ограничување за граѓаните од другите катастарски општини, поради што Судот оцени дека со означените одредби од став 2 и 4 на член 6 од Законот се создава нееднаквост на граѓаните од другите катастарски општини кои имаат во сопственост земјоделско земјиште кое се граничи со земјиштето што се отуѓува, и дека овие одредби од Законот не се во согласност со членовите 9, 30, 55 и 56 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.206/94).