Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ членот 48, членот 50 став 2, членот 55-зборовите “и по претходно мислење на Советот” и членовите 56, 57, 58, 59, 61, 62 и 63 од Законот за игри на среќа и забавни игри на автомати (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/89, 26/87, 51/88, 36/89 и 4/93).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.248/93 од 16 ноември 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека со член 48 од Законот за игри на среќа е утврдена положбата на Советот на Лотарија на Македонија како орган преку кој се остварува посебниот општествен интерес во вршењето на дејноста организирање на игри на среќа. Со член 50 став 2 е предвидено Собранието на Република Македонија да дава согласност на одредбите од Статутот на Лотарија на Македонија кои се однесуваат на Советот. Со членот 55 е утврдена обврска за Лотарија на Македонија склучувањето договори со странски лица за заеднички вложувања да го врши по претходно мислење на Советот. Со членовите 56, 57, 58 и 59 е утвцрдена надлежноста на Советот, неговиот состав, мандатот на неговите членови и неговата организација. Со членовите 61, 62 и 63 од Законот е определено дека Советот на Лотарија на Македонија врши распределба на нејзините приходи и е утврден начинот на распределбата, намената и корисниците на одделните ставки во таа распределба.
5. Со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според став 3 слободата на пазарот и претприемништвото може да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.
Од наведените уставни одредби произлегува принципот според кој претпријатијата и другите субјекти на пазарот се рамноправни во вршењето на дејноста и во стекнувањето на доход. Според мислењ3ето на Судот овој принцип претставува уставна пречка при законското уредување на условите за вршење на тие дејности да се утврдува различна положба на одделни субјекти во вршењето на една иста дејност. Во рамките на уредувањето на условите за вршење на тие дејности, во зависност од нивните специфичности, со закон можат да се утврдуваат и посебни услови, како и специфична положба на нивните носители, но тие мора еднакво да се однесуваат на сите субјекти кои ја вршат соодветната дејност, а не само на одделни од нив.
Судот оцени дека оспорените законски одредби претставуваат посебно регулирање на положбата на Лотарија на Македонија, која во сите аспекти се разликува од положбата на другите носители на дејноста организирање игри на среќа и забавни игри на автомати и тоа: во утврдувањето дека дејноста на Лотарија на Македонија е од посебен општествен интерес, во утврдувањето на начинот на распределбата на нејзините приходи и т.н. Со тоа, според оценката на Судот, се создава нормативна основа за нееднаква правна положба на субјектите на пазарот во вршењето на една иста дејност, што не е во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.248/93).