167/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за надоместок за употреба на градежно земјиште, донесена од Собранието на Општина Кратово (“Службен гласник на Општина Кратово” бр.1/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Воислав Славковски од Кратово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што општината немала уставно и законско овластување да воведува и утврдува јавна давачка за надоместок за употреба на градежното земјиште.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се утврдува обврска за плаќање надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Кратово, непосредните корисници на градежното земјиште – обврзници за плаќање, начинот на плаќањето и намената на средствата од надоместокот.
4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 115 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено, покрај другото, во областите на урбанизмот и комуналните дејности. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и закон. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлуката се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.
Со членот 45 од Законот е предвидено дека надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината е овластена да одлучува за прашања од областа на урбанизмот, комуналните дејности и други области утврдени со закон, а во тие рамки да ги утврдува висината и начинот на плаќањето и за употребата на градежното земјиште.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука Собранието е овластено да ги утврдува висината и начинот за плаќање на надоместокот за употреба на градежното земјиште, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.167/94).