1/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 6 став 1 од Одлуката за утврдување на надоместок за користење на пасишта и утрини, донесена од Собранието на Самоуправната интересна заедница за пасишта и утрини во Гостивар на 4 јуни 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Сточарското стопанство “Живко Брајковски” од село трница во општина Гостивар, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало Одлуката да се применува пред нејзиното донесување и објавување, а не после тоа, поради што одредбата не била во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена на 4 јуни 1993 година, дека оспорената одредба од Одлуката предвидува Одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето и дека Одлуката се применува од 1 јануари 1993 година. Исто така, Судот утврди дека Одлуката престанала да важи со одлука донесена од Општинската самоуправна интересна заедница за пасишта и утрини на 24 мај 1994 година.
4. Со оглед на тоа што означената одлука престанала да важи пред да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот на Судот за да се утврди дека Одлуката не била во согласност со Уставот на Република Македонија во време на нејзиното важење, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.1/95).