11/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сојузот на станбените задругари на Македонија, д- Новица Велјановски и Ранко Максимоски од Скопје му поднесоа иницијативи со барање да покрене постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што станбените задруги и граѓаните кои сами граделе стан, биле ставени во понеповолна положба во однос на градежните претпријатија и градежните задруги, и во однос на граѓаните кои граделе стан преку градежни претпријатија и градежни задруги.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот член од Законот е предвидено точката 6 на член 5 да се брише, што значи се отстранува од правниот поредок одредбата која предвидуваше како промет на производи којшто служи за крајна потрошувачка да не се сметаат продажбата на градежен материјал на станбена задруга за изградба на станови, односно на станбени згради за потгребите на нејзините члнови-задругари.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја оцени уставноста на законска одредба што е отстранета од правниот поредок односно што не постои, согласно горенаведениот член од Уставот, оцени дека не е надлежен за одлучување, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.11/94).