67/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Макдонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јануари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.0201-124 донесена од Собранието на Општина Виница на 11 март 1994 година со која се поништува Одлуката бр.0201-578 донесена од Собранието на Општина Виница на 11 декември 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Акционерското друштво за производство на конфекција и неткаен текстил “Винка” од Виница, со решение У.бр.67/94 од 16 ноември 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање.
4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката на Собранието на општина Виница бр.0201-124 се поништува и се става надвор од сила Одлуката бр.0201-578 на Собранието на општината со која е прогласено од општ интерес и е определена локација за проширување на постојниот локалитет каде се наоѓа објектот – неткаен текстил на АД “Винка” Виница, на дел од КП.бр.716 КО Виница.
Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд на 23 февруари 1994 година ја оценувал законитоста на Одлуката бр.0201-578 донесена од Собранието на Општина Виница на 11 декември 1992 година и не повел постапка за оценување на нејзината законитост поради тоа што утврдил дека е донесена врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање и дека со неа се прогласува општ интерес и се определува локација за проширување на постојниот објект – неткаен текстил АД “Винка” Виница на КП.бр.716 – дел КОВиница. Врз основа на оваа одлука, на 15 февруари 1993 година Републичката управа за имотно-правни работи за подрачјето на општина Виница донела решение за одземање на владение на означеното градежно неизградено земјиште од дотогашниот корисник АД “Југотутун” во корист на Република Македонија. Судот, исто така, утврдил дека за ова подрачје нема детален урбанистички план.
5. Според член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/83 и 38/90), за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење, а според став 2 на овој член, општиот акт од став 1 на овој член се донесува по претходно издадена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.
Од содржината на членот 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање произлегува дека овластувањата што произлегуваат од него, Владата на Република Македонија односно собранијата на општините можат да ги користат само ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Или со други зборови, членот 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање се применува кога просторен односно урбанистички план не е донесен (значи членот 54 го заменува планот) односно ако планот не содржи елементи за утврдување услови за градба (значи член 54 го дополнува планот).
Со оглед дека претходната одлука на Собранието на Општина Виница била донесена врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, со која се уредени односи за одреден простор за кој дотогаш немало детален урбанистички план, и тоа во постапка предвидена со закон, што значи дека овој простор врз основа на општиот акт на Собранието на општина Виница е урбанизиран.
Со оглед на тоа што со новата одлука со која се укинува претходната одлука, а фактичката состојба на просторот се врќа во состојба како што бил пред нејзиното донесување, всушност се врши измена на урбанистичкиот план за што тредба согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделието, Судот оцени дека таа не е во согласност со Законот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.67/94).