Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 7о став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1994 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 4 став 2 од Одлуката за прибавување средства од граѓани, донесена од Работничкиот совет на Акционерското друштво “Графичар” во Титов Велес на 1 септември 1990 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Снежана Скорниева од Титов Велес, со Решение У.бр.172/94 од 16 ноември 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за прибавување средства од граѓаните за проширување на материјалната основа на организациите на здружен труд.
4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определува Претпријатието да прибавува средства од граѓани кои би можеле да се вработат на точно утврдени работни места – монтажери, ретушери, програмери слагачи, дизајнер и офсет машинисти (член 1), ако исполнуваат определени услови предвидени за тие работни места (член 2) и ако вло`ат потребен износ на парични средства (член 3), при што засновањето на работниот однос е на неопределено време (член 5). Понатаму, Претпријатието има обврска вложените парични средства да ги врати на граѓанинот по протек од 3 години од нивното вложување во четири еднакви тримесечни рати (член 4 став 1), со тоа што на тие средства Претпријатието има обврска да плаќа камата од 16% годишно камата како на влог орочен на една година (член 4 став 2). Наведените и други права и обврски помеѓу Претпријатието и граѓанинот во врска со прибавувањето парични средства се уредуваат со посебен договор (член 6).
5. Во член 9 од Законот за прибавување средства од граѓани за проширување на материјална основа на организациите (“Службен лист на СФРЈ” бр.24/86) се определува дека граѓанинот има право, покрај враќање на паричните средства, и на надомест на средствата, кој, според член 10 од Законот, може да биде во форма на камата со променлив или непроменлив процент, ако организацијата не презема обврска за засновање на работен однос со граѓанинот и членовите на неговото семејство.
Од означените законски одредби произлегува дека граѓанинот кој вложил парични средства во претпријатие заради вработување, има право, покрај враќањето на средствата, и на камата во ситуација ако не биде вработен, но не и ако биде вработен по тој основ.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Одлуката се определува Претпријатието, покрај враќањето на парите после определено време, да плаќа камата на паричните средстваа од граѓаните прибавени заради нивното вработување, во ситуација кога граѓаните ги вработува на неопределено време, Судот утврди дека со оспорената одредба се уредуваат односи на поинаков начин од пропишаниот со Законот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.