76/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 од Одлуката за организирање на Работната организација за градски сообраќај “Скопје” како јавно претпријатие, во делот што се однесува на овластувањето на Собранието на град Скопје да дава согласност на именувањето и разрешувањето на работоводниот орган и на одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните услуги, донесена од Собранието на град Скопје на 5 декември 1989 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје” од Скопје, со решение У.бр.76/94 од 9 ноември 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на членот 11 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, во делот што се однесува на овластувањето на Собранието на град Скопје да дава согласност на именувањето и разрешувањето на работоводниот орган и на одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните услуги, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за претпријатијата и со Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес.

4. На седницата Судот утврди дека согласно оспорениот член 11, Собранието на град Скопје дава согласност на Статутот на јавното претпријатие, именувањето и разрешувањето на работоводниот орган, проширувањата на дејноста на јавното претпријатие и одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните услуги.

5. Според член 54 став 1 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93), работничкиот совет на општественото претпријатие, на предлог од конкурсната комисија составена од работници на општественото претпријатие го именува директорот врз основа на јавен конкурс.

Согласно член 24-б од Законот за претпријатијата, одредбите на овој закон за претпријатијата во општествена, мешовита односно приватна сопственост се применуваат и на јавните претпријатија.

Со членот 9 од Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес е уредено дека претставниците на општествената заедница учествуваат во одлучувањето за основните намени за користење на средствата, програмите за развој и основните услови за здобивање на доходот и работењето, именувањето и разрешувањето на работоводните органи, како и во донесувањето на статутот, финансискиот план и за статусните промени.

Согласно членот 11 од овој закон, собранието на општината дава соглансост на самоуправната спогодба за здружување во работна организација, на одредбите од статутот што се од значење за остварување на посебниот општествен интерес, на програмите за развој на комуналните организации, на програмите за изградба на комуналните објекти и уреди и на други општи акти.

Според членот 2 на Законот за системот на општествената контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), организациите на здружениот труд и другите правни лица (во натамошниот текст: претпријатија) ги формираат цените слободно според условите на пазарот.

Од изнесеното произлегува дека согласно законот, посебниот општествен интерес се остварува со учество на претставници на општествено-политичките заедници во органите на претпријатијата кога тие одлучуваат за одредени прашања меѓу кои се и именувањето и разрешувањето на работоводниот орган, донесувањето на статутот и за статусните промени во претпријатието.

Исто така, со закон е утврдено на кои општи акти на комуналните организации собранието на општината дава согласност од што произлегува дека собранието на општината односно на градот не е овластено да дава согласност на одлуката за именување и разрешување на директорот како ни согласност на одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните услуги. Со закон е утврдено и дека претпријатијата ги формираат цените слободно според условите на пазарот.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од член 11 од Одлуката е пропишано Собранието на град Скопје да дава согласност на одлуката за именување и разрешување на работоводниот орган како и согласност на одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните услуги, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.