Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 декември 1994 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ членовите 4, 8 и 27 од Законот за тутун (“Службен весник на СРМ” бр.11/89, 20/90 и 17/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.83/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Ефтим Манев, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, со Решение У.бр.184/94 од 13 октомври 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на членовите 4, 8 и 27 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од членовите 30 и 55 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 4 од Законот, со производство на суров тутун во лист можат да се занимаваат граѓани, граѓанско-правни лица, земјоделски задруги, оснковни организации на кооперантите, организации на здружениот труд кои се занимаваат со земјоделство (производители) под условите утврдени со тој закон (став 1). Граѓаните и граѓанско-правните лица со производство на суров тутун во лист можат да се занимаваат, освен непосредно, и во односи на привремена или потрајна соработка со ОЗТ регистрирана за обработка на тутун, земјоделски задруги, основни организации на кооперанти или организација на здружениот труд која се занимава со земјоделство (став 2), меѓусебните односи на граѓаните кои го здружиле својот труд, земјиштето и средствата со наведените организации, меѓусебните права и обврски ги уредуваат со склучување спогодба (став 3). Производството на суров тутун во лист со производителите го организира организација на здружениот труд регистрирана за обработка на тутун (овластена организација) под условите утврдени со овој закон (став 4). За производството и преземање на суров тутун во лист, производителите и овластената организација склучуваат договор (став 5).
Во оспорениот член 89 од Законот е определено дека овластената организација може да организира производство на суров тутун во лист доколку: 1) во производствениот реон организира производство на површина од најмалку 100 ха; 2) има организирано работна единица во производниот реон и располага со соодветни стручни кадри, зависно од површината за производство на тутун; 3) презема обврска со другите овластени организации, изозници и преработувачи, дека ќе се ангажира со финансирањето на долгорочната програма за унапредување на тутунопроизводството; 4) има обезбедено финансиски средства за авансирање во износ од најмалку 20% од вкупната вредност на договорените количества тутун и ја кредитира набавката на репроматеријали и други потребни средства за производство на тутун; 5) остварува долгорочна соработка со овластени производители на тутунско семе и на производителите им обезбедува сортно семе; 6) врши заштита на тутунскиот расад и организира заштита на тутунот од болести и штетници; 7) ги снабдува производителите со минерални ѓубрива и други средства и 8) располага со соодветни простории за преземање и квалитетно чување и негување на откупениот тутун.
Со оспорениот член 27 од Законот се определени условите што треба да ги исполнува организацијата која се занимава со обработка на суров тутун во лист (капацитети за сместување, обработка и опрема за обработка најмалку за 500 тони суров тутун и определен број стручни кадри).
5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, со ставот 2 се определува дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а со ставот 3 од овој член е утврдено дека никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, со ставот 2 се утврдува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и дека таа презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а со став 3 од овој член е определено дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи предвид дека со оспорените одреби од Законот се ограничува слободното организирање на правните субјекти на производството, откупот и обработката на тутунот, се определува посебна овластена организација за откуп и обработка на тутун и се утврдуваат криериуми за нејзино основање, со што таа добива статус на повластена организација и на тој начин се создава нееднаква положба на субјектите на пазарот и монополска положба и монополско однесување во интерес на таквата организација и се утврдува облигаторност на договорното производство на тутун, Судот смета дека на тој начин се ограничува сопственоста и правата што произлегуваат од неа, како и слободата на пазарот, поради што оцени дека оспорените одредби од членовите 4, 8 и 27 од Законот за тутун, не се во согласност со одредбите на членовите 30 и 35 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.