97/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.104/93, 200/93 од 30 март 1994 година.

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи му поднесе иницијатива со барање Судот да ја преиспита својата одлука У.бр.104/93, 200/93 од 30 март 1994 година.

4. На седницата Судот утврди дека со означената одлука се укинуваат член 18 став 7 и членовите 24, 25 и 26 од Правилникот за обрасците на сообраќајната дозвола, возачката дозвола и регистарските таблици (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/93, 36/93, 67/93), како и списокот на ознаките на регистарскките подрачја и образецот 21, што се составен дел на Правилникот, поради тоа што оцени дека не е во согласност со член 7 од Уставот.

5. Според член 112 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Од наведените уставни одредби, како и од целината на уставните одредби кои се однесуваат на системот на заштита на уставноста и законитоста, произлегува дека одлуките на Уставниот суд се задолжителни, конечни и извршни.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај Уставниот суд со Одлуката чие преиспитуање се бара со иницијативата ги укина член 18 став 7 и членовите 24, 25 и 26 од Правилникот за обрасците на сообраќајната дозвола, возачката дозвола и регистарските таблици, како и списокот на ознаките на регистарските подрачја и образецот 21, што се составен дел на Правилникот, со што тие престанале да важат со денот на објавување на Одлуката на Уставниот суд во “Службен весник на Република Македонија”, а Уставниот суд нема надлежност да одлучува за враќање во позитивниот правен поредок на актот кој го укинал или поништил. Поради тоа, Судот смета дека не постојат уставни и деловнички основи Судот повторно да одлучува за уставноста на укинатите одредби и делови од Правилникот преку преиспитување на својата одлука.

Со оглед на тоа што нема уставни и деловнички основи за преиспитување на Одлуката со која мериторно е одлучено, односно со која се укинати означените одредби и делови од Правилникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.