160/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 29 од Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр,.46/89 и 36/91).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Благој Бојаџиски од Виница со Решение У.бр.160/94 од 13 октомври 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата на членот 29 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбата на член 30 став 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на членот 29 од Законот за експропријација, висината на надоместоккот за одземање од владение на определеното градежно земјиште што се наоѓа во градовите, населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба се определува според пазарната цена на најблиското земјоделско земјиште.

5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследуање, според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според ставот 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според мислењето на Судот, Уставот, покрај утврдувањето на основата за експропријација, гарантира правичен надомест, односно го дава основниот елемент за утврдување на правичниот надомест за експроприраната сопственост, а тоа е пазарната вредност на експроприраното добро, како долна граница на надоместокот.

Со оглед на тоа што висината на надоместокот за одземање од владение на определеното градежно земјиште што се наоѓа во градовите, населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба, според оспорената одредба, се определува според пазарната цена на најблиското земјоделско земјиште, а не според правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на експроприраната недвижност, Судот оцени дека оспорената одредба од членот 29 од Законот не е во согласност со одредбата на член 30 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.