126/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 2 алинеја 3 од Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар (“Службен гласник на град Гостивар” бр.3/94) за централно градско подрачје (дел од В и ВИ единица), донесена од Собранието на општина Гостивар на 10 јуни 1994 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Гостивар”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.126/94 од 5 октомври 1994 година по поднесена иницијатива на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија поведе постапка за оценување законитоста на член 2 алинеја 3 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општина Госитвар поднело барање до Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија за издавање согласност на Предлог-планот за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје во Гостивар (дел од В и ВИ станбена единица). Министерството ја дало согласноста на измените на планот со услов постојниот споменик на културата “Саат Кула” кој е заштитен со закон и се наоѓал на слободен простор и натаму да остане надвор од ограденото дворно место на џамијата. Собранието на Општината Гостивар не постапило по барањето на Министерството и Планот бил донесен така што објектот “Саат Кула” бил предвиден во дворното место на џамијата. Министерството за урбанизам ја повлекло својата согласност на 12 септември 1994 година токму поради тоа што не било почитувано барањето објектот кој е од културно историско значење, да остане вон дворното место на џамијата. Притоа, Судот утврди дека објектот “Саат Кула” во Гостивар како културно историски споменик е прогалсен со решение бр.8 од 7 септември 1958 година.

5. Согласно член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90) урбанистичкиот план, пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оценка на нивната меѓусебна усогласеност како и со усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Согласно член 43 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на СРМ” бр.24/73 и 42/76) при подготовките за изработка на урбанистичките планови односно одлуките што ги заменуваат тие планови на населби или делови од населби што се запишани во регистарот на спомениците на културата како урбанистичка целина, надлежниот орган е должен да прибави претходно мислење од надлежниот завод. Претходно мислење треба да се прибави од надлежниот завод и кога се врши планирање на определени објекти особено кога може да дојде до оштетување на спомениците на културата.

Од цитираните законски одредби произлегува дека како дел од постапката за донесување на урбанистичките планови е прибавување на задолжителна согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, а кога се работи за планирање на просторот на кој се наоѓаат објекти запишани како споменици на културата потребно е и претходно мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата.

Со оглед на тоа што за член 2 алинеја 3 од Одлуката за измени и дополнување на деталниот урбанистички план на централното градско подрачје дел од В и ВИ станбена единица во Гостивар не е дадена согласност од надлежното Министерство, ниту пак, е прибавено мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените одредби од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во то~ката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.