131/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на локација за изградба на фарма за кокошки во Нас.Илинден – Скопје, донесена од Собранието на Општина Гази Баба на 23 јуни 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Претпријатието во општествена сопственост живинарска фарма “Белимбегово” во Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа била предвидена локација за изградба на фарма што не било во согласност со Законот за системот на просторно и урбанистичко планирање, односно фармата не била предвидена со урбанистички план, и затоа што локацијата е дадена без да се добие ветеринарна согласност од Републичката управа за ветеринарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање на 23 јуни 1994 година, и со неа се определува локација за изградба на фарма за кокошки на КП.бр.820?1 КО Илинден на местото викано “Кара Гоч” со вкупна површина од 10.415м2 чиј инвеститор ќе биде Велиновски Методија, Миле и Славчо од Нас.Илинден и се определува земјиште што му припаѓа на објектот за редовна употреба.

Судот, исто така, од образложението на предлог-одлуката доставена од Собранието на општината утврди дека катастарската парцела на која е предвидено изградба на фарма е надвор од границите на Основниот урбанистички план.

Понатаму, Судот утврди дека за локација за изградба на мини фарма е добиена согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство бр.08-1056/2 од 19 април 1994 година, согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија бр.12-УП-И-993 од 27 април 1994 година и одобрение за локација на Македонијапат 04-324/94 од 4 мај 1994 година.

4. Според член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/95, 18/89 и 38/90) за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење, а според став 2 на овој член општиот акт од став 1 на овој член се однесува по претходно издадена согласност до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.

Од наведената законска одредба произлегува дека за местата за кои не е донесен просторен или урбанистички план, собранието на општината може да донесе одлука за утврдување на локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти од општинско значење.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одлука се издава локација за изградба на живинарска фарма која се наоѓа надвор од границите на Основниот урбанистички план, пред донесувањето на одлуката е дадена согласност од надлежни органи на управата за работите од урбанизмот и земјоделството, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.