91/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

а) член 2 став 1 и на членовите 6-22 од Правилникот за основите и мерилата за стекнување и распоредување на доходот и чистиот доход, распределба на средствата за лични доходи и други лични примања и надоместоци на работниците во Јавното правобранителство на град Скопје, донесен со референдум на 15 октомври 1986 година и на 29 јуни 1987 година, со озмените и дополнувањата извршени од јавниот правобранител на град Скопје на 1 февруари 1993 година, и на

б) Правилникот за систематизација на работите и задачите во Јавното правобранителство на град Скопје, донесен од Јавниот правобранител на Градот на 14 мај 1990 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на правилниците означени во точката 1 од ова решение со член 20 од Уредбата за номенклатурата на единствените називи за групи на работи и задачи од ист вид и условите за нивното вршење во органите на управата и со Уредбата за општите начела за внатрешна организација на органите на Управата, донесени од Владата на Република Македонија на 27 јуни и на 21 мај 1991 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Тодор Димовски и други вработени во Јавното правобранителство од Скопје, за поведување постапка за оценување законитоста на правилниците означени во точката 1 од ова решение, како и за оценување на нивната согласност со уредбите означени под точка 2 од ова решение, затоа што членот 2 став 1 од првонаведениот правилник определувал Правобранителството да стекнува доход во рамките на Собранието на Градот и на собранијата на општините во Скопје, а не од Буџетот на Републиката, и што членовите 6 – 22 од Правилникот предвидувале поинаков начин на распределба на средствата за лични доходи во Правобранителството од начинот пропишан со Законот за органите на управата, поради што членот 2 став 1 од Правилникот не бил во согласност со членот 166, а членовите 6 – 22 од Правилникот со членовите 219 – 222 од Законот за органите на управата, како и со член 20 од Уредбата за номенклатурата на единствените називи за групи на работи од ист вид и условите за нивното вршење во органите на управата, донесена од Владата на Република Македонија на 27 јуни 1991 година.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека правилникот означен под 1-б бил донесен со согласност на Извршниот совет на Собранието на град Скопје и на извршните совети на собранијата на општините во Скопје, а не со согласност на Владата на Република Македонија, поради што не бил во согласност со член 109 од Законот за органите на управата и со Уредба за општите начела за внатрешна организација на органите на управата, донесена од Владата на Република Македонија на 21 мај 1991 година.

4. На седницата Судот утврди дека со член 2 став 1 од правилникот означен под 1-а се определува Јавното правобранителство на Градот да сетекнува доход во рамките на Собранието на град Скопје и на собранијата на општините во Скопје.

Според член 1 став 1 од Законот за јавното правобранителство (“Службен весник на СРМ” бр.9/77, 6/81, 46/82, 11/87, 10/90 и 38/91), јавното правобранителство е орган на Републиката, на општините и на град Скопје, кој презема мерки и правни средства определени со закон заради правна заштита на нивните имотни права и интереси. Согласно член 8 став 3 од Законот, функцијата на јавното правобранителство во рамките на правата и должностите на град Скопје ја врши Јавното правобранителство на град Скопје. Со член 41 став 1 од Законот се определува дека средствата за работа на јавните правобранителства се обезбедуваат во соодветниот буџет на Републиката, на општините и на Градот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Јавното правобранителство на град Скопје е орган на Градот, дека своите функции ги врши за Градот и дека средствата за работа на Правобранистелството се обезбедуваат во буџетот на Градот.

Поради тоа, предвидувањето во член 2 став 1 од означениот правилник дека Правобранителството стекнува доход во рамките на Собранието на град Скопје и на собранијата на општините во Скопје, не е во несогласност со означените законски одредби.

5. Понатаму, Судот утврди дека со членовите 6 – 22 од правилникот означен под 1-а се уредува начинот на распределба на средствата за лични доходи на работниците во Правобранителството, така што се определуваат основите и подосновите за утврдување вредноста на секое работно место одделно, што се изразува во бодови, а вредноста на бодот се утврдува така што вкупните средства за лични доходи се делат со бројот на бодовите на сите работници.

Според член 32 став 3 и 5 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, што се уредува со закон и со колективни договори.

Од член 1 став 3 на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) произлегува дека одредбите од Законот се однесуваат и на Јавното правобранителство на Градот како орган на единицата на локалната самоуправа – градот Скопје. Според член 69 од овој закон работникот има право на плата (став 1), која е сразмерна на извршената работа, како и на придонесот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор (став 2), а во член 70 од Законот се определува дека платата на работникот не мо`е да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност според закон или колективен договор.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека работникот има право на плата која е сразмерна на извршената работа и на придонесот во создавањето на добивката, со тоа што сразмерноста на извршената работа и начинот на нејзиното определување го утврдува работодавецот во определените рамки.

Со оглед на тоа, начинот на кој со означените одредби од Правилникот се уредува вреднувањето на работните места во Правобранителството, не е во несогласност со означените уставни и законски одредби.

6. Исто така, Судот утврди дека правилникот означен под 1-б е донесен со согласност на Извршниот совет на Собранието на град Скопје и на извршните совети на собранијата на општините во Скопје.

Имајќи го предвид правниот статус на Јавното правобранителство на Градот определен со означените одредби од Законот за јавното правобранителство, Судот оцени дека постапката на донесувањето на оспорениот правилник не е во несогласност со одредбите од Законот.

7. Што се однесува до наводите во иницијативата за несогласноста на правилниците означени во точката 1 од ова решение со наведените уредби од Владата на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по тоа прашање.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.