У.бр.122/1994-1

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од Правилникот за образецот на здравствената легитимација и за начинот на нејзиното издавање, водење и користење, донесен од Министерството за здравство на 30 декември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92 и 12/92).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија, со решение У.бр.122/94 од 13 октомври 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорените членови од Правилникот, здравствената легитимација важи, односно осигуреникот и осигурените лица можат да користат здравствени услуги на товар на средствата на фондот за здравствено осигурување само со приложена карта за здравствено осигурување. Според видот на здравственото осигурување фондот на здравствено осигурување на осигуреникот, по проверката дали платил придонес за здравствено осигурување за месецот што му претходи на месецот во кој се остварува правото или со задоцнување од најмногу 60 дена од стасаноста на придонесот за плаќање, му издава карта за здравствено осигурување (зелена карта на осигурување), врз основа на која може да користи права од основната здравствена заштита до утврдениот обем на здравствената заштита и од дополнителното задолжително осигурување; карта за здравствено осигурување со учество на корисникот (жолта карта на осигурување), врз основа на која може да користи здравствени услуги над утврдениот обем. Картата за здравствено осигурување се издава за секој месец во определен број примероци за лекарски прегледи, болничко лекување, лабораториски услуги, снимања, лекови и забоздравствени услуги. Бројот на картите за здравствено осигурување за одделни видови услуги се утврдува со општиот акт со кој се утврдува обемот на здравствените услуги кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување. Здравствената организација за секоја укажана здравстена услуга, која претставува заокружена целина и паѓа на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, од осигуреникот или од членот на неговото семејство, зема еден примерок од соодветната карта на осигурување, а потоа ја приложува кон фактурата за укажаната здравствена услуга. Фактурата за укажани здравствени услуги односно делот од износот на фактурата, за кој не е приложена соодветна карта на осигурување не може да се исплатува на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување. Ако здравствената услуга е од таков вид која бара третман повеќе денови и интервенции (инекции, инфузии и сл.) сите тие интервенции се составен дел на првата, основната здравствена услуга, а на осигуреникот му се зема една карта за здравствено осигурување. Здравствените услуги, лековите и другите потрошни медицински материјали кои се даваат во текот на лекувањето во стационарна здравствена организација, во смисла на овој правилник, претставуваат една здравствена услуга, а на осигуреникот му се зема една карта за здравствено осигурување. При користењето на лекови на рецепт, за лекови кои според Листата на лекови паѓаат на товар на срествата на Фондот за здравствено осигурвуање од картата за здравствено осигурување на осигуреникот му се зема една налепница која се лепи на рецептот што го издал лекарот. Кога се работи за хронични заболувања, лекарот што издава рецептот за лекот кој паѓа на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, препишува доза за најмалку 15 дена, а аптеката може да му земе само една налепница за лекови.

5. Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), се уредуваат правата од здравствена заштита на граѓаните, односите и правата од здравствено осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита и системот на организацијата на здравствената заштита.

Согласно член 3 од овој Закон, секој има право на заштита на здравјето, а заради остварување на одредени права во случај на болест или повреда и други права од здравствената заштита утврдени со овој закон, врз начелата на заемност и солидарност, се установува задолжително здравствено осигурување.

Со член 35 од овој закон, правата и задолчителното здравствено осигурување ги остваруваат лицата на кои им е утврдено својство на осигуреник врз основа на пријава за осигурување.

Согласно член 37 став 1 од Законот, својството на осигуреник се докажува со здравствена легитимација, што ја издава Фондот за здравствено осигурување, а според ставот 2 на овој член, Министерството за здравство го пропишува образецот на здравствената легитимација како и начинот на нејзиното издавање, водење и користење.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека секој граѓанин има право на здравствена заштита, при што односите и правата од здравственото осигурување како и постапката за користењето на здравствената заштита се уредени со закон.

Со оглед на тоа што со оспорениот правилник е предвидено воведување на карти за здравствено осигурување (зелени картони), врз оснвоа на кои единствено можат да се користат здравствените услуги на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, а Законот предвидел дека својство на осигуреник се докажува со поседување на здравствена легитимација, Судот оцени дека оспорените членови од Правилникот не се во согласност со Уставот и со закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.