У.бр.16/1992

Уставен суд на Република Македонија, врз основа на член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 ноември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Ратко Црвенковски и Ѓуро Пауновски од Скопје за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Ратко Црвенковски и Ѓуро Пауновски од Скопје, вработени во Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободата на јавното изразување на мислата гарантирана во член 16 од Уставот на Република Македонија, затоа што сметаат дека таа им е повредена со конечна одлука на Комисијата за заштита на правата на означеното јавно претпријатие со која им била изречена дисциплинска мерка – престанување на работниот однос, поради тоа што во весникот “Нова Македонија” јавно изнеле сомневања во веродостојноста на податоците на Енергетскиот биланс на Републиката за 1989 година.

4. На јавната расправа и на седницата Судот утврди дека подносителите на барањето, извршувајќи ги работните задачи одговорен инженер и одговорен економист во Службата за купопродажба и тарифи во означеното претпријатие во текот на работата се посомневале во точноста на енергетскиот биланс за 1989 година, во делот што се однесува на неоправданиот кусок на електрична енергија, што им дало повод да се посомневаат и во законитоста на работењето на раководните лица на Претпријатието. За своите сознанија ги известиле одговорните органи на Претпријатието, а откако добиле одговор дека нивните пресметки се точни, се обратиле со пријава до поранешниот Градски секретаријат за внатрешни работи и до Окружното јавно обвинителство, а на 22.06.1991 година своите сомневања ги изнеле во весникот “Нова Македонија” преку новинарскиокт текст на новинарот С. Начевски. На 23.06.1991 година во “Нова Македонија” уследил одговор на генералниот директор на претпријатието, а на 26.06.1991 година завршен коментар на новинарот. Во расветлувањето на спорните прашања се вклучили и Министерството за стопанство на Република Македонија кое преку овластен работник обавило разговори со подносителите на барањето и претставници на јавното претпријатие, по што еден од подносителите на барањето се обратил до Собранието на Република Македонија, до Владата и други органи.

Владата на Република Македонија формирала комисија за утврдување на фактите во врска со билансот за 1989 година во чиј извештај, изготвен во јануари 1992 година е констатирано дека во него постојат одредени пропусти и слабости кои се однесуваат на обработувањето и билансирањето на токовите на реактивнатѕа енергија што било од влијание за загубите, потоа на мерењето и баждарењето, на разграничувањето на количините на енергија помеѓу преносната и дистрибутивната мрежа, следењето на загубите и слично. Во извештајот на Комисијата во врска со загубите не се до крај расветлени спорните прашања.

Во меѓувреме, против овие работници е поведена дисциплинска постапка за утврдување одговорност за сторена потешка повреда на работните обврски “злоупотреба на службената положба и пречекорување на овластувањата” затоа што, како што се наведува во барањето на генералниот директор, излегле во јавноста со пишување до Редакцијата “Нова Македонија”, органите за внатрешни работи, Јавното обвинителство и други установи и општестевено-политички заедници во кои невистинито и тенденциозно ги прикажале состојбите опфатени со енергетскиот биланс, со што ја вознемириле јавноста и го нарушиле угледот на јавното претпријатие. Првостепената комисија на 12.11.1991 година ги ослободила од одговорност, затоа што утврдила дека обраќањето на обвинетите до надлежните органи во Републиката и до “Нова Македонија” не претставува злоупотреба на службената должност, ниту пречекорување на нивните овластувања во вршењето на нивните работи како и дека за тие дејствија, согласно член 24 од Уставот на Република Македонија, не можат да трпат штетни последици. Меѓутоа, второстепената комисија – Комисија за заштита на правата – на 6.12.1991 година ја преиначила првостепената одлука, затоа што утврдила дека со објавувањето на написот во “Нова Македонија” тендециозно и невистинито изнесувале податоци за билансот за 1989 година, со што сториле потешка повреда на работните обврски, “злоупотреба на службената положба и пречекорување на овластувањата”, за која им е изречена дисциплинската мерка – престанување на работниот однос.

Судот, понатаму, утврди дека со пресудата П.бр.495/92, донесена од Општинскиот суд Скопје И – Скопје на 9 ноември 1992 година, потврдена со пресудата Г.Ж.бр.1185/93, донесена од Окружниот суд во Скопје на 13 април 1993 година, е уважено тужбеното барање на тужителите Ратко Црвенкоски и Ѓуро Пауновски и е поништена како незаконита одлуката на Комисијата за заштита на правта на ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје, бр.4736 од 16.12.1991 година и Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” е задолжено да ги врати тужителите на работа и да им ги надомести трошоците на постапката.

5. Со член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а со став 2 на овој член и слободата на говорот и јавниот настап. Согласно член 24 од Уставот секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор и не може да биде повикан на одговорност ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело. Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 12 точка 7 од Правилникот за дисциплинска и материјална одговорност на работниците во Јавното претпријатие, “Електростопанство на Македонија” како една од тешките повреди на работните обврски за која може да се изрече дисциплинска мерка – престанување на работниот однос е предвидена “злоупотреба на положбата и пречекорување на даденото овластување”, без поблиско определување на дејствијата со кои оваа повреда може да се изврши. Во точка 38 од овој член на Правилникот, исто така, како тешка повреда на работните обврски е утврдено и “спречување на јавно изнесување и објавување на предлози или мислења на работниците и спречување на јавно критикување на неправилностите”.

6. Од наведените уставни одредби произлегува дека содржината на слободата на јавното изразување на мислата, а со тоа и предметот на заштита од страна на Уставниот суд, не е ограничена само на човековото мислење како внатрешен психолошки процес на расудување за природните и општествените појави што го опкружуваат, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли и да го соопшти на јавноста. Притоа, за уставната гаранција сосема е небитна содржината на пораката што се искажува со користењето на слободата на јавното изразување на мислата. Таа може да се однесува на секој вид на односи, како оние што се од општо значење за живото на една општествена заедница, така и оние што се однесуваат на состојби и интереси на поединците.

Меѓутоа, според мислењето на Судот, заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата се однесува само на оние форми на изразување на сила, притисок и слично, кои оневозможуваат едно мислење да добие своја надворешна манифестација преку средствата за јавно комуницирање. Меѓутоа, злоупотребата на оваа слобода не ја исклучува можноста нејзиниот носител евентуално да трпи штетни последици ако од надлежните органи (во крајна инстанца суд) во соодветна постапка се утврди дека таа слобода е злоупотребена заради вршење на определени казниви дела. Според мислењето на Судот, битно е да се обезбеди од никого непречено јавно изразување на мислата како досег на слободата на мислењето, а последиците ќе зависат од тоа што е предмет на мислењето и дали е тоа казниво според други уставни норми, според закон или други прописи.

Во конкретниот случај, според мислењето на Судот, не се работи за спречување на јавното изразување на мислата на подносителите на барањето, затоа што нивното јавно изразување е овозможено во дневниот печат, туку за последици врз нив од дисциплински карактер што им се изречени заради содржината на тоа мислење, што според органите што одлучувале, е елемент на казниви поведенија утврдени со Правилникот за дисциплинска одговорност, за што во крајна линија се одлучува во постапка за заштита на правата на работниците од работниот однос пред редовните судови.

Во оваа смисла за карактерот на спорот што произлегол од користењето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата од пресудно значење е статусот што подносителите на барањето го имале во моментот на јавното изразување на нивното мислење. Имено, тие не настапувале од позиција на граѓани, чиј интерес за точноста на податоците за загубите на стријата во целост се поклопуа со општиот интерес тие податоци да бидат точни, туку од позиција на работници на “Електростопанство” на кои им се достапни низа податоци за тие мерења, како и можноста за дополнителна проверка на точноста на податоците. Во такви услови, користењето на слободата на јавното изразување на мислата за овие граѓани добива сосема друго значење од аспект на нивното својство на работници на претпријатието за кои важат внатрешните правила на однесување, во чии рамки слободата на нивното изразување на мислата не ги ослободува од одговорноста за повреда на тие правила. Според тоа, работа е на дисциплинската постапка (во организација, а подоцна и пред редовниот суд) дали во конкретниот случај постои или не постои повреда на правилата за дисциплинска одговорност, при што од пресудна важност е утврдувањето на вистинитоста или невистинитоста на тврдењата, независно од тоа што таквата евентуална повреда е сторена со јавно изразување на мислата. Тоа значи дека во конкретниот случај, сојството на носителите на мислењето на работници во претпријатието, пресудно влијание на тоа спорот да не се смета за случај на ограничување на слободата на мислењето, туку за спор за дисциплинска одговорност.

За конкретната ситуација изнесувањето на определена содржина е утрдено како битие на казниво дело, без оглед на тоа дека е сторено јавно или на друг начин, поради што казнувањето за неговото сторување со дисциплинска мерка не претставува ограничување на слободата на така изразеното мислење, туку санкција што е непосредно поврзна со содржината на тоа мислење како елемент на битието на соодветната дисциплинска повреда.

Поради тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај не постои ограничување на слободата на јавното изразување на мислата, дотолку повеќе што нејзините последици веќе се отстранети со наведените пресуди на редовните судови кои одлучувале за дисциплинската одговорност на работниците.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.