148/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на точката 2 од Одлуката за определување на посебна давачка при увоз на пченица, донесена од Владата на Република Македонија на 6 јуни 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Јакимче Илиев од Кочани за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се пропишувало одлуката да влезе во сила со денот на објавувањето, а не по протек на определено време од објавувањето заради запознавање на граѓаните и правните лица со нејзината содржина, што значело нарушување на правната сигурност во правните односи, поради што точката 2 од Одлуката не била во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Одлуката се определува обврска за претпријатијата и другите правни лица да плаќаат посебна давачка при увоз на пченица во износ од 5,00 денари за еден килограм, а со оспорената одредба се пропишува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Со член 52 од Уставот на Република Македонија се пропишува обврска за објавување на законите и другите прописи пред да влезат во сила (став 1), Што се врши преку “Службен весник на Република Македонија” во рок од седум дена од нивното донесување (став 2), со тоа што законите, во принцип, влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето односно, исклучително што се утврдува од Собранието, со денот на објавувањето (став 3).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека за подзаконските прописи, за разлика од законите, нема уставно ограничување во смисла тие да не можат да влезат во сила пред протек на определено време од објавувањето.

Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Одлуката со означените уставни одредби, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.