Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 85 став 1 точка 8 и 28 од Правилникот за основните права од работен однос на “Југотранс”, транспорт и шпедиција на “Југококта” во Скопје, донесен од Управниот одбор на 24 декември 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Боро Трајковски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членот 85 став 1 точките 8 и 28 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што како потешки повреди на работна обврска за кои мо`е да се изрече мерката престанок на работниот однос биле предвидени користењето на боледување истиот ден кога работникот дошол на работа и одбил да го изврши работниот налог и предизвикување прекин во работата без оглед на причините поради кои се прекинало со работа, освен прекин предизвикан поради дефект или немање суровини и други објективни причини, што не било во согласност со Законот за основните права од работниот однос, Законот за штрајк и Законот за здравствена заштита.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека оспорените членови биле предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, а по повод на новата иницијатива Судот не наоѓа основ за поинакво одлучување. Исто така, Судот смета дека нема процесни претпоставки за водење на постапка, затоа што со иницијативата се бара оценување законитост на оспорените одредби со Законот за основните права од работен однос кој престана да важи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.