109/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за обезбедување на парични средства за финансирање на фестивалот “Макфест” и Заклучокот за обезбедување на парични средства за улична расвета во Општина Штип донесени од Собранието на Општина Штип (“Службен гласник на Општина Штип” бр.5/91 и 1/994).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојан Петров од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што со нив се воведувале одредени давачки за граѓаните, што не било во согласност со членовите 9 и 33 од Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општина Штип донело Одлука со која е уредено дека за обезбедување трајни извори на средства за финансирање на фестивалот “Макфест” – Штип ќе се собираат по 10,00 денари месечно на секој водомер во Општината Штип. Средствата ќе си собира ЈП “Фортуна” со сметката за потрошена вода, а ќе ги уплатува на сметка на фестивалот “Макфест”.

Исто така Собранието донело Заклучок со кој е утврдено дека парични средства за потрошената електрична енергија и потребниот материјал за одржување наа уличното осветлување во општината Штип се обезбедуваат од потрошувачите на електрична енергија. Понатаму, е утврден износот на средствата за улично осветлување, начинот на наплатувањето и организацијата што ќе ги собира средствата, органот што ќе врши контрола над реализацијата на собраните срества како и организациите кои се изземени од овој вид давачка (месни заедници, училишта – факултети, културни установи и хуманитарни организации).

4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходите на единиците на локалната самоуправа се обезбедуваат од данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и права, од комунални такси, од дополнителни приходи од Буџетот на Републиката во согласност со посебен закон, од приходи од донации примени од земјата и странство (во стока и пари), од други приходи по однос на земање на заеми од Буџетот на Републиката со кои се финансира буџетскиот дефицит.

Од изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека собранието на општината не е овластено да воведува даноци и други јавни давачки за финансирање на јавните потреби, ниту да ја определува нивната висина.

Со оглед на тоа што со оспорениот заклучок се утврдува надоместок за улично осветлување, што претставува јавна потреба која треба да се намирува од јавните давачки, а со оспорената одлука се воведува обврска за граѓаните да плаќаат средства за одржување културна манифестација, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.