178/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за избор на претседател на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/94), а посебно на член 11 од Законот во делот кој гласи “запишани во општиот избирачки список”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија ВМРО – Демократска партија за Македонско национално единство преку претседателот Љупчо Георгиевски, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точка 1 од ова решение и посебно на член 11 од овој закон во делот кој гласи “запишани во општиот избирачки список”, затоа што со Уставот на Република Македонија бил регулиран начинот за избор на претседател на Републиката и не било дадено право на Собранието дополнително да донесува посебен закон за избор на претседател, а со членот 11 од Законот се пропишувала уставната рамка за уредување на ова прашање, односно законодавецот ги пречекорил уставните овластувања и поинаку го уредил прашањето за избор на претседателот од тоа како било уредено со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за избор на претседател на Република Македонија се уредува постапката за избор на претседател на Републиката, односно тој содржи одредби за распишувањето и одржувањето на изборите за претседател, за предлагањето и утврдувањето на кандидати, за утврдување на резултатите од изборот, за давањето на изјава и завршни одредби.

Во оспорениот член 11 од Законот е предвидено дека за претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во општиот избирачки список.

4. Во членовите 79 и 87 од Уставот е утврден статусот и функциите на претседателот на Републиката, како и начинот на неговиот избор. Така, во член 80 од Уставот е предвидено дека претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори со тајно гласање, за време од пет години. Во член 81 од Уставот е регулирана постапката и начинот за избор на претседател на Републиката, при што во став 2 на овој член е предвидено дека за претседател и избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.

Во член 68 од Уставот е дадено овластување на Собранието на Република Македонија да донесува закони, не прецизирајќи притоа за кои области можат да се донесуват тие закони, од што произлегува дека е препуштено на Собранието да оцени каде и во кои случаи е неопходно донесување на закон со кој би се операционализирале или разработиле одделни уставни одредби.

Имајќи го предвид ваквото генерално овластување на Собранието да донесува закони, Судот смета дека не постои уставна пречка и за донесување на закон за избор на претседател на Републиката. Дотолку повеќе што според член 10 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Собранието на Републиката е обврзно да донесе закон за избор на претседател на Република Македонија, најдоцна три месеци пред одржувањето на новите избори.

5. Понатаму, Судот утврди дека според член 22 од Уставот секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

Заради евидентирање и остварување на ова уставно право се водат и избирачки списоци на граѓаните, а начинот и постапката за водење на избирачките списоци е уреден со Законот за избирачките списоци (“Службен весник на СРМ” бр.8/76, 3/78 и 10/78). Според овој закон, покрај посебните избирачки списоци се води и општ избирачки список во кој се запишуваат сите граѓани што наполниле 18 години од животот, освен оние кои со правосилна судска одлука се наполно лишени од деловната способност (член 16). Во општиот список граѓаните се запишуваат според своето живеалиште.

Во општиот избирачки список се запишуваат сите граѓани што имаат избирачко право и живеат на подрачјето на општината за која се составува избирачкиот список (член 25), а запишувањето во општиот избирачки список се врши врз основа на податоците од матичните книги, службената евиденција, други јавни исправи или други веродостојни докази и непосредно проверување (член 26), при што надлежните органи се должни да доставуваат податоци за лицата од подрачјето на општината што наполниле 18 години, како и за умрените лица кои на денот на смртта имале наполнети 18 години. Исто така, и судовите се должни да ги доставуваат правосилните судски одлуки за одземање на деловната способност (член 27). Исправки и дополнувања на општиот избирачки список можат да се вршат во текот на целата година (член 29), секој граѓанин има право да го прегледа општиот избирачки список и да бара негова исправка (член 34 став 1 од Законот). За запишувањето и исправките во избирачкиот список овозможена е и судска постапка (член 41 од Законот).
Од изнесеното произлегува дека Законот за избирачките списоци утврдува оптимални и објективни можности за секој граѓанин кој има избирачко право да биде запишан во општиот избирачки список, односно ни еден граѓанин кој има избирачко право да не биде надвор од избирачкиот список.

Тргнувајќи од уставните одредби за избирачкото право и законските прописи со кои се овозможува остварување на ова уставно право, Судот смета дека под поимот избирачи се подразбираат сите граѓани кои имаат избирачко право и кои според наведените законски одредби мора да бидат евидентирани и запишани во општиот избирачки список, како технички документ за остварување на избирачкото право. Дали, пак, во практиката така и се постапува, односно дали правилно и дословно се спроведува Законот за избирачките списоци е фактичко прашање за кое Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

Според мислењето на Судот со член 11 од Законот само се утврдува што се подразбира под поимот избирачи, со што ниту се проширува ниту се стеснува избирачкото право утврдено со Уставот, ниту пак, се проширува или стеснува кругот на избирачите кои според Уставот се стекнале со избирачко право, поради што Судот оцени дека со Законот не се пречекорени уставните рамки за уредување на ова прашање и не може да се постави прашањето за согласноста на член 11 од Законот со член 81 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.