241/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 52 од Правилникот за заедничките основи и мерила за самоуправно уредување на односите во стекнувањето и распределбата на доходот, чистиот доход и за распределба на средствата за лични доходи и за заедничка потрошувачка на работите во Педагошката академија во Битола, донесен на 17 февруари 1988 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Нове Михајловски од Битола му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на член 52 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било оневозможено на наставниците кои одржувале часови над утврдениот фонд од 10 часа седмично да им се исплаќа надоместок за поголем број одржани часови, односно не им се исплатувал и надоместок за прекувремена работа, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 50 од Правилникот е предвидено оптималната ангажираност на наставниците за одржување на предавања и вежби да изнесува 8 часа наеделно. Минималната и максималната ангажираност на наставниците со часови (настава и вежби) изнесува од 180 до 300 часови за учебната година, односно од 6 до 10 часови неделно, сметано во просек за зимскиот и летниот семестар. Според член 52 од Правилникот на секој наставник чија ангажираност е 8 часа неделно вклучувајќи ја и работата со 50 студенти му се исплатува личен доход во висина на аконтацијата според Табелата на претпоставен труд. За секој час над 8 часа (над норма) до 10 часа за секој одржан час неделно бројот на бодовите се зголемува за 1 час 10 бода, за два часа 20 бода. Според став 2 на овој член на наставниците чија ангажираност во семестар е под 8 часа односно до 6 часа за секој час бројот на бодовите не намалува и тоа за 1 час помалку неделно се минусираат 10 бода за 2 часа 20 бода.

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 69 од Законот за работнтие односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) работникот има право на плата. Платата на работникот му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа како и придонесот на работникот во создавањето на добивката во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Според член 2 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија” бр.78/93) кој е од времен карактер, правното лице што врши дејност распоредена во областа од 01 до 11 и правното лице во областа од 12 до 14 кое е регистрирано како претпријатие ги исплатува нето платите во согласност со општиот акт, колективниот договор и овој закон.

Според член 34 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94) се утврдува коефициент на одделен степен на сложеност од 1 до 3.

Од изнесеното произлегува дека со закон не се уредува прашањето за платите на работниците туку тоа прашање е препуштено да се уреди со колективен договор и со општ акт на работодавецот и претпријатието.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 62 од Правилникот се утврдени бројот на часовите според кои ќе се одредува коефициентот за исплата на платите на наставниците, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со закон. Дали тој акт е усогласен со колективниот договор е прашање за меѓусебната согласност на актите за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Исто така, и во врска со прашањето зошто не се исплатува надоместок за прекувремена работа на наставниците е прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.