Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 47 став 4 од Законот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 9/94).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија и Предраг Шапчевски од Скопје, со Решение У.бр.8/94 од 13 јули 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата на член 47 став 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 33 и 55 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 47 став 1 од Законот, за извршување на работите и задачите од својот делокруг Заводот наплатува надоместоци за вршење на платниот промет во Републиката од учесниците во платниот промет што се наплатуваат од нивните сметки и надоместоци за работи што се извршени врз основа на договори.
Според оспорениот став 4 на овој член се приходи на Републиката и се уплатуваат во Буџетот на Република Македонија.
5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според ставот 2 од овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и номополското однесување на пазарот, а според ставот 3 од овој член на Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата и животната средина или на здравјето на луѓето.
Тргнувајќи од содржината на членот 33 од Уставот, според мислењето на Судот, надоместокот за извршените услуги во платниот промет не може да има карактер на јавна давачка, бидејќи овој надоместок за вршење на дејноста на Заводот за платен промет, како самостојна стручна организација со права и обврски утврдени со закон и со статус на правно лице, претставува надоместок за секоја поединечна услуга на учесникот во платниот промет, како услуга извршена од Заводот. Имајќи предвид дека во конкретниот случај се работи за надоместок за извршени услуги и работи во вршењето на платниот промет на учесниците во тој промет, од страна на Заводот, што тој ги врши врз основа на посебна тарифа и со посебни договори и дека тој надоместок ги содржи трошоците за неговата работа. Судот смета дека надоместокот од услугите за работењето на Заводот, не би можел да се смета за данок или друга јавна давачка која служи за намирување на јавните расходи, па според тоа и да биде приход на Републиката и да се уплатува во Буџетот на Република Македонија, поради што оцени дека оспорената одредба на членот 47 став 4 од Законот не е во согласност со одредбата на членот 33 од Уставот.
Понатаму, тргнувајќи од содржината на член 55 од Уставот, а имајќи предвид дека со оспорената одредба, средствата што ги остварува Заводот од вршењето на услугите и работите на платниот промет, се директен приход на Републиката и се уплатуваат во Буџетот, а не на тој што директно ги создава, што не е случај и со другите носители на платниот промет (Народната банка на Република Македонија, банките и Претпријатието за ПТТ сообраќај), Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност и со членот 55 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.