Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 октомври 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 16, 30 под “д”, 36 и 39 од Правилникот за плати, донесен од Министерот за одбрана на 30 септември 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Ванко Георгиевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите означени во точката 1 од ова решение, затоа што во член 16 биле распоредени бодовни групи од 1 до 7 при што батерискиот старешина бил распореден во петта група на бодови, а вршел посложени задачи од водник командир кој бил распореден во четвртата бодовна група, што во член 30 под “д” било предвидено за секое дежурство на вработените да им следува слободен ден, а во примената на овој член непрекинато се одобрувале 176 работни часа, а се добивало слободно време во траење од 40 работни часа, без остатокот од 136 работни часа да се надомести во пари, што во член 36 од Правилникот било предвидено да не може да се врши намалување на платата примена по бодовите утврдени со Правилникот кој парестанал да важи со донесување на новиот Правилник, но ни оваа одредба не била применета, и што Правилникот не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија”, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 16 од Правилникот според степенот на сложеноста, работните задачи се распоредуваат во седум групи. Притоа, во секоја група се наброени видот на работите и работните задачи и е определен бројот на бодовите.
Во член 30 “д” од Правилникот е предвидено дека за секое дежурство на вработените им следува слободен ден односно им припаѓа дневница. Според член 36 од Правилникот, на вработените во Министерството на кои според вреднувања на работите и задачите според овој Правилник платата им е помала од платата исплатена за исти или слични работни задачи пред влегувањето во сила на овој Правилник, им се исплатува плата во висина на платата што им е исплатена пред применувањето на одредбите на овој Правилник се додека не дојде до изедначување на платите.
Во член 39 став 1 е предвидено дека Правилникот влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето, а ќе се применува од 1 октомври 1993 година, а согласно ставот 2 на овој член, објавувањето ќе се смета за извршено со денот на доставувањето до сите основни организациони единици во Министерството.
4. Според член 219 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и 41/90), во рамките на средствата за работа на органите на управата, во зависност од видот, обемот и квалитетот на извршените задачи, работниците во органите на управата сетекнуваат лични доходи во согласност со закон, колективен договор и прописите донесени врз основа на закон.
Според член 221 став 1 од Законот, врз основа на оценката за вредноста, сложеноста, одговорноста и обемот на одделните видови работи и задачи, како и квалитетот на работите и задачите функционерот кој раководи со органот на управата со општ акт го определува конкретниот коефициент што ќе служи како основа за пресметување на личниот доход на работниците во рамките на коефициентите определени со став 2 и 3 од овој член.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај старешината на органот, врз основа на член 221 од Законот, согласно сложеноста, одговорноста и условите за работа го утврдил личниот доход на работниците во органот, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на член 16 од Правилникот со означените одредби од Законот.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека не биле применети одредбите од Правилникот што се однесуваат на одобрување слободни денови за извршено дежурство како и дека не биле изедначени платите исплатени по Правилникот што престанал да важи, се прашања на примена на актот, за што Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” пред да влезат во сила.
Според член 1 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80), законите и другите републички прописи и општи акти (републички прописи) се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, за според член 3 точка 5 од овој закон во “Службен весник на Република Македонија се објавуваат правилниците наредбите и упатствата на функционерот што раководи со републичкиот орган на управата и решенија на тие органи донесени вон управна постапка, како и актите на функционерот за кои тој ќе одлучи да се објават во “Службен весник на Република Македонија”.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека во “Службен весник на Република Македонија” задолжително се објавуваат само законите и другите републички прописи, а актите на функционерот што раководи со органот на управата што го донесува во извршување на законите како старешнина на органот се објавуваат ако за тоа одлучи тој.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник не претставува пропис што се однесува на граѓаните и другите правни лица во Републиката, туку општ акт што уредува права на работниците од областа на распределбата на платите во Министерството за одбрана, Судот оцени дека на нив не се однесува обврската за објавување во “Службен весник на Република Македонија”, поради што не мо`е да се постави прашањето за нивната несогласност со означените уставни и законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.