123/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 октомври 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 17 точка 9 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот, со Решение у.бр.123/93 од 27 април 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 17 од Законот за одбрана се определени овластувањата на Министерството за одбрана во поглед на остварувањето на одбраната. Во оспорената точка 9 од овој член е предвидено дека Министерството го остварува командувањето со армијата.

Во член 15 од Законот се определени надлежностите на претседателот на Републиката, кој, покрај другото, е овластен да го пропишува начинот на командување во армијата, при што Судот утврди дека претседателот на Републиката нема донесено посебен акт за пропишување на начинот на командувањето во армијата.

5. Според член 122 од Уставот на Република Македонија, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Одбраната на Републиката се уредува со закон, а според член 79 став 2 врховен командант на вооружените сили на Македонија е претседателот на Републиката, кој своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Државната управа, според член 95 од Уставот, ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, чија организација и работа се уредува со закон. Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата. Со органите на управата од областа на одбраната и полицијата, според член 97 од Уставот, раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

Од означените уставни одредби произлегува дека со Уставот на одбраната на Републиката и се дава посебн значење и се определува дека таа се уредува со закон, а дека врхвен командант на вооружените сили е претседателот на Републиката.

Исто така, од изнесените уставни одредби произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт. Во согласност со таа положба органите на државната управа може да се овластат да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување, при што со законот на чие извршување тие се однесуваат мора да се утврдат основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Со оглед на тоа што со оспорената точка 9 на член 17 од Законот не се определени рамките на овластувањето на Министерството во остварувањето на командувањето со армијата, Судот оцени дека со тоа се создаваат можности за воспоставување на поинакви односи во командувањето со армијата од утврдените со Уставот.

5. Врз однос на изнесеното, Судот утврди дека член 17 точка 9 од Законот не е во согласност со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Ова решение Судот го донес во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.