Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 октомври 1994 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Заклучокот за обезбедување на финансиски средства за улично осветлување во Општина Радовиш, донесен од Собранието на Општината на 6 април 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Димитар Келкоцев од Радовиш со Решение У.бр.32/94 од 7 јули 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.
4. На седницата Судот утврди дека на 6 април 1992 година Собранието на Општина Радовиш донело Заклучок за обезбедување на финансиски средства за улично осветлување на Општина Радовиш.
Во оспорениот заклучок е предвидено дека надоместокот за улично осветлување ќе се плаќа по броило за секој потрошувач на електрична енергија и тоа во висина од 60 денари месечно. Понатаму, е предвидено дека наплатувањето ќе го врши “Електро Радовиш”.
5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходите на единиците на локалната самоуправа се обезбедуваат од данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и права, од комунални такси, од ополнителни приходи од Буџетот на Републиката во согласност со посебен закон, од приходи од даноци примени од земјата и странство (во стока и пари), од други приходи отстапени од буџетите на единиците на локалната самоуправа по разни основи во согласност со закон, како и приходите по основ на земање на заеми од Буџетот на Републиката со кои се финансира буџетскиот дефицит.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината не е овластена да воведува даноци и други јавни давачки за финансирање на јавните потреби, ниту да ја определува нивната висина.
Со оглед на тоа што со оспорениот Заклучок се утврдува надоместок за улично осветлување, кое претставува јавна потреба, што треба да се намирува од јавните давачки, Судот утврди дека тој не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.