114/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 и 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА зборот “Социјалистичка” од насловот и од членовите 1, 2, 3 и 5 од Законот за изборните единици за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, со решение У.бр.114/94 од 21 септември 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на дел од насловот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука како и на членовите 1, 2, 3 и 5 во деловите во кои се употребува терминот “Социјалистичка”.

4. На седницата Судот утврди дека во насловот на Законот и во членовите 1, 2, 3 и 5 се употребува терминот “Социјалистичка”.

5. Според член 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а според ставот 2 на овој член, суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Тргнувајќи од наведената уставна дефиниција на Република Македонија како и од целокупниот концепт на Уставот, а имајќи предвид дека во насловот на Законот и во членовите 1, 2, 3 и 5 се употребува терминот “Социјалистичка”, Судот оцени дека поради тоа тие не се во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.