61/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 3 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на граѓани со станови во општествена сопственост – Секција на граѓани со општествени станови стекнати по основ на присилни прописи, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 3 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со Уставот затоа што предвидувала да се изземат од продажба становите во општествена сопственост, доколку сопственикот на станот ги стекнал по основ на присилни прописи. Имено, лицата што имале станарско право на становите во општествена сопственост стекната по присилни прописи биле доведени во нееднаква – нерамноправна положба во однкос на другите носители на станарското право затоа што не можеле да го купат станот, а се наоѓале во ист општествен однос како и другите носители на станарско право.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба е предвидено, сопственикот на станот да не може да го продаде станот на носителот на станарското право или со негова согласност на член на неговото семејно домаќинство кој е корисник на станот, односно овие лица не можат да бараат од надлежниот суд да донесе решение што ќе го замени договорот за купопродажба, доколку сопственикот на станот, станот го стекнал по основ на таканаречените присилни прописи.

Судот, исто така, утврди дека со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.209/93 од 13 јули 1994 година е укинат член 99 од Законот за станбени односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/88, 21/89 и 11/93 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93), со што престана правниот основ во однос на стекнувањет на општествената сопственост на становите стекнати според присилните прописи.

Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според мислењето на Судот со отстранувањето на членот 99 од Законот за станбени односи од правниот поредок на Република Македонија не постојат правните односи воспоставени врз основа на овој член, односно не постои општествена сопственост на становите стекнати по присилни прописи, ниту станарско право врз тие станови. Според тоа, носителите на станарското право на становите во општествена сопственост стекната по присилни прописи не се во еднаква правна положба со другите носители на станарско право на станови во општествена сопственост. Поради тоа Судот оцени дека оспорената одредба не е во несогласност со означените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова ре{ение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.