125/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловниккот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров од Гевгелија, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со членовите 30 и 38 од Законот за попис на населението, домаќинствата, становите и земјоделските стопанства, затоа што на поинаков начин од оној што е утврден во овие законски одредби го уредуваат прашањето за условите за попишување на граѓаните.

Во иницијативата се бара Судот да донесе решение за привремени мерки со кое ќе се запре извршувањето на наведените заклучоци и дообјаснувања.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорените заклучоци Државната пописна комисија на седницата одржана на 27 јуни 1994 година разгледувајќи ја состојбата за остварувањето на пописот оценила дека заради надминување на проблемите што се пројавени на теренот е потребно да се преземат определени мерки и за таа цел заклучила:

а) Републичкиот завод за статистика да изврши измена во Методологијата за попис во однос на прашањето за државјанство и тоа: при забележувањето на одговорот на прашањето за државјанство за лицето кое нема документ за регулиран државјански статус, а има стара лична кара, со официјално место на живеење во Република Македонија, а лицето изјави дека постапката е во тек, одговорот се запишува врз основа на таа изјава во графата “постапката е во тек”.

б) Комисијата и во оваа прилика укажува дека, согласно со Законот за попис, регулиран државјански статус не е услов за попишување, туку пописот ќе ги опфати сите категории на граѓани утврдени со овој Закон.

в) Во општините во кои што чивее национално мешано население и во кои досега се пројавени исклучително големи проблеми потребно е во пописните кругови во кои што, согласно со член 30 од Законот за попис, е предвидено да има еден попишувач – македонец да се ангажира уште по еден попишувач припадник на националноста која што е најмногу застапена во соодветниот пописен круг.

г) Во врска со пописот во странство надлежните органи треба да пресемат и дополнителни мерки со цел да се обезбеди што поголем опфат на граѓаните од Република Македонија.

д) Во функција на успешно спроведување на пописот Државната пописна комисија ќе ги преземе сите мерки во рамките на нејзините надлежности, утврдени со Законот за попис.

При попишувањето на лицата и пополнувањето на Пописницата (образец П-1), на прашање 6 – Државјанство, за лицата кои:

– немаат документ за државјанство (уверение за државјанство, лична карта издадена по април 1993 година или патна исправа издадена по Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија) или

– не добиле службено извесување за државјанство

– по проверката во “Службен весник” Посебен службен весник бр.4 е констатирано дека не се евидентирани во него и

– по дополнителната проверка во Министерството за внатрешни работи е констатирано дека лицето не е државјанин на Република Македонија, а имаат лична карта издадена пред 1 април 1993 година според која лицето е со официјално место на живеење во Република Македонија и лицето изјави дека постапката за добивање на државјанство на Република Македонија е во тек, попишувачот е должен врз основа на таа изјава во Пописницата на прашање 6 да го заокружи модалитетот 4 (процедурата е во тек).

Истовремено попишувачот во Прегледот 1 од Прашалникот за домаќинство и стан (образец П-2) во колоните од 6 до 21 кај одговорот “ДА” го става знакот “+” само во случаите кога лицето го има регулирано државјанскиот статус, односно кога на прашање 6 од Пописницата е заокружен модалитетот 1 (државјани на Република Македонија) или модалитетите 1 и 2 истовремено. Во сите други случаи односно на прашање 6 не е заокружен модалитетот 1 во Прегледот 1 се става знакот “+” во една од колоните 7,9,11,13,15,17,19 во зависност од националната припадност на лицето односно во колоната 21 ако лицето не се изјаснило по национална припадност.

Податоците во Контролникот во однос на државјанството се преземаат од збирниот ред на Прегледот 1 од образецот П-2.

4. Според член 30 од Законот за попис на населението домаќинствата, становите и земјоделските стопанстава (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/94), за секој пописен круг се именува попишувач.

Во пописниот круг во кој според Пописот од 1991 година соодветна националност учествува со над 50% од вкупното население се именува за попишувач од таа националност.

По исклучок од став 2 на овој член ако припадниците од одделна националност претставуваат повеќе од 20% од вкупното население, во пописниот круг ќе се именува и попишувач од соодветната националност.

По исклучок ако нема кандидат од одделна националност кој ги исполнува условите за попишувач, ќе се именува попишувач кој го знае и јазикот на припадниците на соодветната националност.

Во случаите кога во соглалсност со одредбите од ставовите 2 и 3 на овој член не може да се обезбеди попишување на лицата согласно со одредбите од членот 35 на овој закон, Републичкиот завод за статистика обезбедува друг попишувач кој покрај македонскиот јазик го знае и јазикот на кој во согласнот со член 35 на овој закон може да се врши попишувањето.

Според член 38 од Законот, попишувачот и контролорот заради утврдување на точноста на податоците за белезите од членовите 6, 7 и 8 на овој закон од лицата опфатени со Пописот треба да го побараат, а лицето кое се попишува да ги презентира документите како што следува.

а) За лицата кои со пописот ќе се опфатат во согласност со член 4 став 1 точките 1, 3 и 4 од овој закон: а) лична карта издадена по 1 април 1993 година (за име, презиме, пол, датум, место и општина на раѓање, државјаство, единствен матичен број на граѓанинот, називот на населеното место, општината и адреса на која живеат неговите малолетни деца и државјанство на неговите малолетни деца, или патна исправа издадена според Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92); б) лична карта издадена пред 1 април 1993 година (или патна исправа издадена пред влегувањето во сила на Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92) и Уверение или решение за државјанство издадено според Законот за државјанство (“Службен весник на Република Македоија” бр.67/92) или службено известување за регулиран државјански статус на Република Македонија “Службен весник на Република Македонија”); Извод од матичната книга на родените (за име на еден од родителите, место на постојано живеење на мајката во моментот кога лицето е родено; име и презиме, пол, датум, година, место и општина на раѓање и единствен матичен број на граѓанинот за децата).

б) За лицата кои со Пописот ќе се опфатат во согласност со одредбите од член 4 став 1 точка 2 на овој закон: странска патна исправа со одобрен престој во Република Македонија (постојан или привремен) или патен лист за странец и документ за идентификација ил Решение за одобрен престој на странец и документ за идентификација издадени според Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92)

в) За лицата кои со Пописот ќе се опфатат во согласност со одредбите од член 4 став 1 точка 5-а на овој закон (странска патна исправа со одобрен статус на бегалец или хуманитарно згрижен граѓанин, или Решение за признавање на статус на бегалец или документ за пријавен престој на странец кој е хуманитарно згрижен и документ за идентификација издадени според Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92).

г) За лицата кои со Пописот ќе се опфатат во согласност со одредбите од член 4 став 1 точка 5-б на овој закон (Документ со идентификациони податоци издадени според Законот за двичење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92).

д) За лицата кои со Пописот ќе се опфатат во согласност со одредбите од член 4 став 1 точка 6 на овој закон (лична карта издадена по 1 април 1993 година, или патна исправа издадена според Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92), Извод од матичната книга на родените за лицето и неговите малолетни деца, или Уверение или решение за државјанство или службено известување за регулиран државјански статус на Република Македонија”, извод од матична книга на родените и идентификационен документ).

ѓ) За лицата кои ќе се опфатат со Пописот, кои имаат недвижен имот на територијата на Република Македонија (тапија или извадок од катстарската евиденција за недвижности, или договор за основот по кој го стекнал недвижниот имот или решение по оставинска постапка).

5. Судот смета дека оспорените заклучоци и дообјаснувања според нивната фомра и доносител, не спаѓаат во категоријата општи правни акти за кои со член 110 став 1 алинеја 1 и 2 е утврдена надлежност на Уставниоит суд на Република Македонија за оценка на нивната уставност и законитост. Понатаму, Судот смета дека содржината на оспорените заклучоци се состои во тоа, тргнувајќи од воочените проблеми во реализацијата на пописот, во делот каде се запишуваат податоците за државјанство, да се дадат насоки на Републичкиот завод за статистика за надминување на проблемите во примената на законот во тој дел од пописните активности. Поради тоа, заклучоците немаат нормативна содржина, односно со нив на општ начин не се уредуваат никакви односи, туку се даваат насоки за начинот на примена на потојните норми од законот што ја уредуваат таа материја во случаите кога претпоставениот начин на примена наидува на, во основа, технички проблеми. Поради тоа, доменот на делување на заклучоците не е создавањето на нови норми или измена на постојните норми во закконот, туку нивната примена во процесот на реализацијата на пописот.

Дообјаснувањата на директорот на Републичкиот завод за статистика, исто така, немаат за цел да го менуваат системот на општи норми со кои е уреден начинот на изведување на пописот, туку да ги координира начинот и примената на тие норми од страна на многубројните непосредни извршители (попишувачите). Во оваа смисла дообјаснувањето ниту дефинира што се подразбира под државјанство, ниту го утврдува начинот на неговото докажување, бидејќи тие работи веќе се уредени со наведениот закон, туку го објаснува само начинот на пополнување на соодветните обрасци, како дел од техниката на примена на соодветните законски норми.

Поради тоа, Судот оцени дека и оспорените дообјаснувања немаат карактер на општ акт во смисла на член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен за одлучување на нивната уставност и законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.