56/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување висината на водниот надоместок за наводнување за 1993 година, донесена од Работничкиот совет на Водостопанската работна организација “Охридско Езеро” во Охрид на 28 април 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Недевски Мирослав од Охрид преку адвокат Љупчо Наумовски од Охрид поднесе барање за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена согласно член 137 и 140 од Законот за водите и затоа што висината на надоместокот била многу висока во однос на другите подрачја во Републиката.

3. На седницата Судот утврди дека на 28 април 1993 година Работничкиот совет на Водостопанската работна организација “Водостопанство – Охридско Езеро” ја донело оспорената одлука за утврдување на висината на водниот надомест, со која се утврдуваат цени на водниот надомест за еден хектар површина за пченка, градинарски растенија, индустриски растенија, овошни и лозови насади.

Во цената утврдена во член 1 содржана е цената на водниот надоместок за обезбедена вода во просечен износ од 30% од вкупната цена.

Понатаму, Судот утврди дека на 29 април 1993 година Работничкиот совет на Сложената организација на здружен труд “Водостопанство на Република Македонија” согласно Самоуправната спогодба и член 140 од Законот за водите донел Одлука за утврдување на цените на водниот надоместок за наводнување, одводнување и технолошка вода за 1993 година.

Во одлуката е предвидено дека се утврдуваат цените на водниот надоместок за 1993 година, дадени во Прегледот на цените на водниот надоместок изработен согласно ценовниците донесени од водостопанските организации. Утврдените цени во Прегледот ќе се применуваат во 1993 година како авансен износ со право да бидат корегирани согласно настанатите промени на животниот пораст и инфлацијата.

Исто така Судот утврди дека на ниво на Сложена организација на здружен труд “Водостопанство” на Република македонија е изготвен Преглед на цените на водниот надоместок, според ценовникот на водостопанската организација во состав на Сложената организација на здружен труд “Водостопанство” на Република Македонија.

Во Прегледот е даден приказ на сите работни организации кои се занимаваат во водостопанска дејност и е утврдено дека за сите култури за кои се плаќа воден надоместок за вода за наводнување.

На 24 јуни 1993 година Собранието на Републичката самоуправна интересна заедница за водостопанство донело Одлука во која е наведено “На основа претходно дадената Одлука на Работничкиот совет на Сложената организација на здружен труд “Водостопанство на Република Македонија” за прифаќање на единствената методологија за изготвување на калкулативните елементи за определување на висината на водниот надоместок за 1993 година, по сите намени се потврдува ценовникот на Водостопанската работна организација “Охридско Езеро” во Охрид за 1993 година бидејќи истиот е во рамките на споменатта методологија.

4. Според член 137 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/81, 13/82, 37/87, 51/88, 20/90, 23/90, 24/91 и 83/92) за одводнување и наводнување на земјоделски и други земјишта, како и за обезбедување и доведување на водата на хидро-мелиоративните и други водостопански објекти и постројки, се утврдува надоместок, меѓу другото, и за испорачана, употребена или искористена вода и за обезбедено доведување на вода за наводнување на земјоделско и друго земјиште.

Според член 140, пак, висината на надоместокот од член 137 ја утврдува Собранието на Самоуправната интересна заедница на предлог на водостопанската организација на здружениот труд, врз основа на годишниот план за одржување и користење на хидро-мелиоративниот систем и други водостопански објекти и постројки во согласност со основните планови и годишните резолуции за општествено-економскиот развој, како и со законските и другите прописи за политиката на цените.

Од изнесените одредби произлегува дека висината на надоместокот за одводнување и наводнување на земјоделски и други земјишта ја утврдува Собранието на Самоуправната интересна заедница за водостопанство на предлог на водостопанската организација.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај е донесена одлука на водостопанската организација на која е дадена согласност од Самоуправната интересна заедница за водостопанство, Судот смета дека не може да се псотави прашање за нејзината согласност со означените законски одредби.

5. Во врска со наводот во иницијативата дека висината на цената на водниот надоместок е многу повисока во однос на другите подрачја во Републиката, Судот смета дека е фактичко прашање за што согласно член 110 не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.