Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 36 и членовите од 39 до 46 и од 126 до 129 од Статутот на јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија “Електростопанство на Македонија” – Скопје, донесен на референдум на 29 март 1990 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Јавното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.8/92 од 11 март 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на членовите од Статутот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во Статутот, покрај другото, се уредуваат прашањата од посебен општествен интерес, како што се: дејноста на организацијата, донесување на плановите и програмите за работа и развој, основните намени за користење на средствата, како и начинот и условите за именување на генерален директор.
Исто така, Судот утврди дека во рокот утврден во Одлуката за организирање на јавно претпријатие бил донесен оспорениот статут и доставен до Собранието на Република Македонија за давање на согласност, кој, иако согласноста сеуште не е дадена, се применува и во означените членови во кои се предвидуваат прашања од посебен општествен интерес.
5. Според член 24-а став 1 и 2 од Законот за претпријатијата, јавни претпријатија можат да основаат правни и физички лица заради производство и промет на определени производи и вршење на услуги кои се неопходен услов за живот и работа на граѓаните или за работа на други претпријатија на определено подрачје или ако е тоа неопходно за работа на органите на општествено-политичката заедница. според став 3 и 5 на овој член, собранието на општествено-политичката заедница ги пропишува условите што мора да ги исполнува претпријатието заради вршење на работите од посебен општествен интерес, како и начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на дејностите или работите во јавното претпријатие.
Од изнесените законски одредби произлегува дека општествено-политичката заедница може да го пропише начинот на остварување на посебниот општествен интерес. Во тие рамки, според мислењето на Судот, според законот општествено-политичката заедница може да пропише и други облици на остварувањето на посебниот општествен интерес во согласност со закон и општ акт на општествено-политичката заедница. Според член 3 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87) дејностите производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија се дејности од посебен општествен интерес. Согласно член 90 од Законот, согласност на одредбите на статутот на организациите што вршат дејност од посебен општествен интерес Што се однесуваат на дејноста на организацијата, донесување на планови и програми за работа и развој, основните намени за користење на средствата, начинот на одлучувањето на претставниците на општествената заедница и начинот на именување на работоводен орган на организациите што вршат дејност од областа на електростопанството, дава Собранието на Република Македонија.
Со оглед на тоа што во означените членови од Статутот со кои се уредуваат прашања од значење за остварувањето на посебниот општествен интерес не е дадена согласност од Собранието на Републиката, а кои се применуваат, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе мнозинствено во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.