270/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на

а) Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за работни односи и дисциплинска и материјална одговорност на АД “Југотутун-Нада Бутникошарова” од Титов Велес, донесен на 27 октомври 1992 година;

б) Одлуката бр.02-421/2 со која се утврдува престанок од потреба на работа на работници од работната единица “Земјоделие и овоштарство” во состав на АД “Југотутун-Нада Бутникошарова” експорт импорт од Титов Велес, донесена на 21 септември 1993 година; и

в) Спогодбата за преземање на работници склучена помеѓу означената организација и Агрокомбинатот “Лозар” од Титов Велес.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Ангел Лукарев од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле објавени, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија, оспорениот правилник бил погрешно применет, затоа што во него се утврдувале критериумите за престанок на работниот однос поради технолошки вишок на работниците, а не за престанок на работниот однос поради престаната потреба од работа односно поради укинување на работна единица која покажува загуба во работењето, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 1 со кој се менува член 59 од Правилникот за работни односи се утрдува дека работниците за кои понатамошната потреба од работа во претпријатието престанала поради технолошки, економски, организациски унапредувања укинување на работно место или работна единица и како такви претставуваат вишок, се распоредуваат на тој начин што превенстено се обезбедува работа во друго претпријатие, потоа со преквалификација, докуп на стаж и други права предвидени со закон.

Во членот 2 од Правилникот се утврдени критериумите според кои се врши распоредувањето, а во членот 3 се предвидува дека Правилникот влегува во сила и ќе се применува со дениот на донесувањето.

Судот, понатаму утврди дека во точката 1 од оспорената одлука се утрдува престанок од потребата на работа на работниците во работната единица “Земјоделие и овоштарство” на вкупно 24 работника (поименично се наведени работниците) а во Спогодбата за преземање на работници се регулираат заедничките права и должности на претпријатијата во преземањето на 14-те работника за кои престанала потребата од работа во АД “Југотутун-Нада Бутникошарова” и кои Агрокомбинатот “Лозар” ќе ги преземе и ќе ги распореди со неопределено работно време на работни задачи кои одговараат на нивната стручна подготовка

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека оспорениот акт кој го регулирал прашањето на престанок на работниот однос поради технолошки, економски, структурален и други промени, а врз осниова на кој е извршено распоредувањето на работниците престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за работните односи и дека Судот нема процесни претпоставки да ја оценува уставноста и законитоста на оспорениот акт. Ова од причини што Законот за работни односи не допушта можност со општ акт на организациите и претпријатијата да се уредува престанок на работен однос поради економски, технолошки и други структурални промени, туку правата на работниците што мораат да се обезбедат при такви промени како и бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Исто така, Судот оцени дека оспорената одлука и спогодбата не се општи акти во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија оценка на уставноста и законитоста би бил надлежен Уставниот суд, затоа што со нив не се регулирани на општ начин определени односи, туку Одлуката е поединечен акт на претпријатието со која се утврдува престанок на работен однос на определен број работници, а спогодбата е акт на работење и со неа се уредуваат меѓусебни права и обврски на два правни субјекта.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.