Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 23 став 1, 2, 3, 4, 6 и 7 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на СРМ” бр.13/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, поранешната Партија за човекови права на Македонија во Струмица и Христијанската унија на Македонија од Куманово, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 23 став 1 алинеите 1, 2, 3, 4, 6 и 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што пропишувале забрана на работата на политичка партија и кога нејзината програма и дејствување не биле насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија, што не било во согласност со член 20 став 3 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека со влегувањето во сила на Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94), престанале да важат одредбите од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани, кои се однесуваат на општествените организации и здруженија на граѓани организирани заради остварување на политички интереси и цели.
Со оглед на тоа што оспорените одредби од Законот престанале да важат во делот кои се однесуваат на општествените организации и здруженија на граѓани организирани заради остварување на политички интереси и цели, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.