Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јули 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 99 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88- пречистен текст, 21/89, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Вера Сеизова од Скопје, со решение У.бр.209/93 од 9 март 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите на член 99 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 30 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 99 став 1 од Законот, корисниците на стан во семејни станбени згради и станови како посебни делови на згради во сопственост на граѓани, ги имаат сите права и обврски на носител на станарско право ако во станот се вселени врз основа на акт од надлежниот орган или на станот стекнале станарско право, а според ставот 2 од овој член, сопстениците на семејни станбени згради и станови од ставот 1 на овој член ги имаат правата на давателот на станот на користење.
5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Тргнувајќи од тоа дека со признавањето на станарското право на определена категорија корисници на стан во семејни станбени згради и станови како посебни делови на згради во сопственост на граѓани, се создаваат трајни основи на ограничување на сопственоста и правата што од неа произлегуваат, надвор од условите утврдени со Уставот, Судот оцени дека одредбите на членот 99 од Законот за станбени односи не се во согласност со одредбите на член 30 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.