Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 29 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јули 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот за прифаќање на понудата за поставување на опрема за следење на сателитска ТВ програма во Делчево, донесен од Собранието на Општина Делчево на седницата одржана на 24 декември 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија група граѓани претставувани од Славчо Петровски од Делчево му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се воведувал надоместок за изградба на телевизиски центар во висина од 20 германски марки во денарска противвредност кој ќе се наплатува во три месечни рати со сметките за наплата на електрична енергија, како вид јавна давачка, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. Судот утврди дека Собранието на општината на седницата одр`ана на 24 декември 1993 година под точката – одборнички прашања и предлози, го донела Заклучокот со кој е прифатена понудата за поставување на опрема за следење на сателитска програма од Претпријатието ТН – ТВ “Електромонтажа и телекомуникација” во Скопје. Според Заклучокот, граѓаните на Општина Делчево треба доброволно со свои средства во износ од 20 германски марки во денарска противвредност да учествуваат во реализација на поставувањето на ТВ сателитска програма. Судот, исто така, утврди дека собирањето на средствата се врши со посебна признаница која се издава на граѓаните доколку сакаат да ја уплатат определена сума, а како техника на наплата овие средства се собираат при наплатата на елекрична енергија.
4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека оспорениот заклучок нема карактер на пропис со кој се востановува јавна давачка за граѓаните, туку дека претставува акт со кој се препорачува доброволно учество на граѓаните во реализација на објект од нивен локален интерес, поради што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.