35/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. НЕ СЕ ПРИФАЌА барањето за запираање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Павле Арсенски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не содржел елементи на утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, што не било во согласност со Уставот.

Со иницијативата воедно се бара Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот Закон.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за даноците на имот се регулирани прашањата во врска со предметите на оданочување, даночните обврзници, даночната основа, даночните стапки, настанувањето на даночните обврски и даночните ослободувања и олеснувања, како и прашањата во врска со начинот на утврдувањето на данокот и неговата наплата, должностите на даночните обврзници, постапката во врска со пријавувањето, утврдувањето и рокот за неговата наплата.

Исто така, утврди дека со членот 21 став 1 од овој закон се предвидува основа на данокот на промет на недвижности и права да биде пазарната вредност на недвижноста и правото во моментот на настанувањето на обврската. Согласно член 22 став 1 од Законот под пазарна вредност се подразбира цената на недвижноста која би можела да се постигне во слободниот промет во моментот на настанувањето на даночната обврска. Ставот 2 на овој член од Законот предвидува пазарната вредност на недвижностите и правата да ја утврдува органот за јавни приходи. Според ставот 3 на овој член од Законот за утврдување на пазарната вредност на недвижностите органот за јавни приходи формира комисија.

5. Согласно член 58 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од наведената уставна одредба произлегува дека во надлежност на Собранието е утврдувањето на јавните давачки.

Со Законот за даноците на имот во кој се содржани правни правила за утврдување на даночна обврска, даночните субјекти и објекти и начинот на наплатувањето на данокот од обврзниците, при што како основа на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права, е предвидена пазарната вредност на недвижноста определувајќи ја како цена на недвижноста која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанувањето на даночната обврска.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во Законот за даноците се содржани сите елементи за правилно утврдување на даночната обврска на обврзниците на данокот, што и даваат можност на државата преку наплатувањето на овој данок да ја оствари својата обврска за обезбедување на средства за покривање на своите расходи, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

6. Што се однесува до барањето Судот, до донесувањето на конечна одлука, со времена мерка да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон, со оглед на тоа дека не поведе постапка за оценување уставноста на овој закон, оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.