34/1994-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

– Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за придонесот за користење на градежно земјиште на подрачјето на Општина Радовиш бр.08-679/1 од 3 јули 1991 година, донесен од Собранието на Општината на 30 декември 1991 година;

– Одлуката за надоместок за погребни трошоци донесена од Советот на месните заедници на Општина Радовиш на 29 ноември 1993 година; и

– Одлуката за надоместок за погребни трошоци на градот Радовиш, донесена од Координациониот одбор на месните заедници на 18 јануари 1994 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на актот на Јавното претпријатие “Прогрес” од Радовиш според кој се наплатува затезна камата за ненавремено извршени обврски.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Ѓорѓи Свирков и Димитар Келкоцев од Радовиш му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се воведуваат одредени давачки што не било во согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општина Радовиш на 30 декември 1991 година ја донело оспорената одлука со која се пропишува обврска за плаќање придонес за користење на градежно земјиште. Во одлуката е утврдено за што се користи придонесот, кои се обврзници на придонесот, кои носители на правото на користење на градежно земјиште се ослободени од овој придонес, начинот на утврдување на придонесот, поделба на зони на подрачјето на кое се плаќа придонесот како и кој го наплатува придонесот, а тоа е ЈП “Прогрес” од Радовиш при наплатата на вода.

5. Согласно член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89 и 21/91), собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште, да ги утврди висината, роковите и начинот на пресметувањето на надоместокот. Овој надоместок според член 45 од Законот, се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор.

Од изнесените законски одредби произлегува дека собранието на општината е овластено да ги утврдува висината и начинот на плаќањето на надоместокот за употреба на градежното земјиште.

Со оглед на тоа што оспорената одлука Собранието на Општината ги утврдило висината и начинот на плаќање на надоместокот за употреба на градежното земјиште, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.

6. Судот понатаму утврди дека на собирот на граѓаните на Радовиќ, одржан на 29 ноември 1993 година се расправало за воведување на надоместок за погребни трошоци, за што е донесен и Заклучок за прифаќање на иницијативата на граѓаните, Општинскиот одбор на Сојузот на здружението на пензионери, борци, на ЈП “Прогрес” за воведување на надоместок за потребни трошоци.

Врз основа на споменатиот Заклучок, Советот на месните заедници на 29 ноември 1993 година ја донел оспорената одлука.

На 18 јануари 1994 година по Заклучокот на Собирот на граѓаните за надоместок на погребни услуги расправал Координациониот одбор на месните заедници, кој на истата седница ја донел второоспорената одлука за надоместок на погребални услуги за градот Радовиш. Во одлуката за надоместок за погребни услуги донесена од Советот на месните заедници на 29 ноември 1993 година и Одлуката на Координациониот одбор на месните заедници на 18 јануари 1994 година е предвидено дека надоместокот ќе се наплаќа од корисниците при наплатата на сметките за вода и подигање на смет. Понатаму е предвидено дека износот што ќе се наплаќа месечно, посебно ќе биде внесен во наплатните сметки, а граѓаните кои не сакаат да го плаќаат надоместокот, ќе бидат ослободени со претходно дадена изјава во ЈП “Прогрес” – Радовиш, со тоа што истите нема да ги користат услугите.

7. Според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 114 став 3 од Уставот во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа.

Во месните заедници како облици на месна самоуправа граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето и за прашања од социјална и хуманитарна природа или посредно преку претставници во органите на локалната самоуправа односно месната самоуправа.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорените одлуки се донесени на доброволна основа како резултат на договор на граѓаните за споменати прашања од социјална и хуманитарна природа, Судот оцени дека не може да се постави прашање за нивната согласност со Уставот.

8. Во врска со наводите во иницијативата за наплатување на затезна камата на корисниците кои навремено не ги платиле своите обврски, Судот утврди дека ЈП “Прогрес” нема донесено посебен акт, туку го применува Законот за облигационите односи и Законот за висината на стапката на затезната камата. Притоа, дали јавното претпријатие со своето работење ја применува утврдената камата со закон или повисоко, Судот оцени дека е фактичко прашање за кое согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.