85/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 36 од Законот за редовните судови, во делот кој гласи “како и спорови од станбени односи” (“Службен весник на СРМ” бр.10/76, 30/77, 9/78, 46/82, 11/87, 24/88, 10/90, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.55/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Гоце Наумовски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија. Уставот на Република Македонија правото на стан односно станарското право не го гарантирал како граѓанско право, ниту како економско и социјално право, па според тоа државата не можела да се меша во распределбата на становите на кои работодавецот имал право на располагање, односно да дава судска заштита во станбените спорови, како што е предвидено со оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба е пропишано општинските судови во граѓанските работи се надлежни да судат во прв степен и спорови од станбените односи.

4. Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот како органи за заштита на уставните слободи и права ги определува Уставниот суд на Република Македонија и редовните судови. При тоа, Уставниот суд ги штити само слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а редовните судови сите други уставни слободи и права. Меѓутоа, според мислењето на Судот примарното вреднување на овие уставни вредности не ги исклучува другите вредности што ги заштитува редовното судство.

Според член 98 став 5 од Уставот видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од оваа уставна одредба произлегува дека надлежноста на судовите се уредува со закон. Според тоа утврдувањето на надлежноста општинскиот суд да одлучува во станбените спорови е во рамките уставното овластување и тоа не значи дека со оспорената одредба се утврдува стекнување на станарско право што не го гарантира Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со означените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.