Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 48 точка 4 од Правилникот за решавање на станбените прашања на работниците во Претпријатието за производство на мебел, монтажни куќи и приколки “Треска мебел” – Скопје, донесен од Работничкиот совет во 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Претпријатието за производство на мебел, монтажни куќи и приколки “Треска мебел” – Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 48 став 4 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него бил предвиден критериумот судски заверен договор и уверение за плаќање на данок на Управата за приходи за докажување на потстанарски однос, што не било во согласност со Законот за станбените односи.
3. На седницата Судот утврди дека во член 48 од Правилникот е регулирано прашањето за потребната документација што треба да ја приложи работникот кој конкурира за стан. Според ставот 4 на член 48 од Правилникот, како доказ за потстанарскиот однос кандидатот треба да приложи договор за потстанарски однос заверен во суд и уверение од управата за приходи за плаќање данок.
4. Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/91, давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење односно ги утврдува основите и мерилата за определување редот на првенство за давање стан на користење.
Од изнесените законски одредби произлегува дека право е на претпријатието да ги утврди критериумите и мерилата за определување редот на првренство за доделување стан. Притоа, на кој начин ќе се докажува определен факт како доказ за определен станбен статус, меѓу кои и заверен договор за закуп и уверение од надлежен орган на управата како доказ за платен данок за закуп е право на претпријатието, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 48 точка 4 од Правилникот со означената одредба од Законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.