Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за национализација на наемните згради и градежното земјиште (“Службен лист на СФРЈ” бр.52/58).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Благој Шулески од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со темелната вредност за правната заштита на сопственоста утврдена во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот и со уставната гаранција за правото на сопственост и правото на наследување утврдена во член 30 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека основот за донесување на Законот за национализација на наемните згради и градежното земјиште бил содржан во член 18 став 5 и 6 од Уставот на ФНРЈ од 1946 година, според кој приватната сопственост може да се ограничи или експроприра ако тоа го бара општиот интерес, но само врз основа на закон. Со законот ќе се определат случаите и висината на надоместокот на сопственикот. Идентична одредба содржи и Уставот на НРМ од 1946 година.
Под исти услови, со закон, можат да се национализираат одделни стопански гранки или претпријатија ако тоа го бара општиот интерес.
Уставот на СФРЈ и Уставот на СРМ од 1963 година не ја предвидуваа национализацијата како инструмент за поопштествување на недвижностите, туку само дозволуваа ограничување на правото на недвижности односно експропријација со правичен надомест и ако тоа го бара општиот интерес.
Уставите од 1974 година не содржеа одредби за можност за национализација. Меѓутоа, со нив непосредно беше утврдено дека не може да постои право на сопственост на земјиште во градовите и во другите подрачја предвидени за комплексна изградба член 97 од Уставот на СРМ и член 81 од уставот на СФРЈ, а беше предвидена можност за експропријација на недвижности на кои постои право на сопственост со правичен надоместок, ако тоа го бара општиот интерес утврден врз основа на закон – член 82 од Уставот на СФРЈ и член 100 од Уставот на СРМ.
Во поглед на сопственоста на станбените згради и станови уставите непосредно ја ограничуваат сопстеноста само за задоволување на личните и семејните потреби на граѓаните.
Уставите го гарантираа правото на самостоен личен труд со средста во сопственост на граѓаните што беше основа тие да имаат сопственост врз средствата на трудот, а во тие рамки на деловниот простор потребен за вршење на дејноста. Исто така, уставите гарантираа право на сопственост на обработливо земјоделско земјиште до 10 ХА.
Според тоа, уставите од 1963 година и уставите од 1974 година ги утврдија рамките, односнио гаранциите на сопственичките права на граѓаните и со тоа Законот за национализација престана да биде правна основа за одземање и ораничување на сопственоста.
Со Амандманот XXXV од Уставот на СРМ на граѓаните им се гарантираше правото на сопственост на станбени згради и станови, на средства за работа, деловни згради и деловни простории. Сопственикот можеше станбената зграда или станот, средствата за работа, деловната зграда или деловната просторија да ги даде на користење на друг и по тој основ да стекнува доход, под услови и на начин утврдени со закон.
На земјоделците им се гарантираше право на сопственост на обработливо земјоделско земјиште во површина од најмногу 30 ХА по домаќинство. Со закон можеше да се утврди во ридско-планинските краишта поршината на обработливо земјоделско земјиште на кое земјоделците имаа право на сопственост да биде поголема од 30 ХА по домаќинство.
Со Амандманот LIX на Уставот на СРМ се гарантираа сите форми на сопственост. Сите форми на сопственост се рамноправни, а носители на правата на сопственост се физичките и правните лица. Според ставот 3 на овој Амандман, на граѓаните им се гарантираше право на сопственост на земјодеслко земјиште.
Според член 8 став 1, алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.
Со член 30 од уставот, се гарантира правото на сопстеност и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со оглед на вака уредените односи со уставите од 1963 година, уставите од 1974 година, уставните амандмани на Уставот на СРМ и Уставот на Република Македонија во врска со преминувањето на недвижностите од приватна во општествена сопственост, според мислењето на Судот оспорениот закон уште со влегување во сила на уставите од 1963 година не можел да се применува.
5. Според член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа во моментот на преземање на сојузните прописи оспорениот закон не претставувал интегрален дел од правниот поредок на бившата СФРЈ па според тоа, согласно означената одредба од уставниот закон не е преземен како републички, односно не претставува ни дел од правниот поредок на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување уставноста на оспорениот закон со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Во поглед на наводот во иницијативата Уставниот суд да одлучи за враќање на имотот кој би изземен од национализација Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.