205/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за обезбедување инвестициони средства за финансирање развојни програми за проширување, реконструкција и модернизација на топлификациониот систем на град Скопје, денесена од Управниот одбор на Акционерското друштво “Топлификација” во Скопје на 7 февруари 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Градежното претпријатие “Илинден” во Скопје, за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за обезбедување средства за финансирање програмите за проширување, реконструкција и модернизација на топлификациониот систем во Скопје, донесена од Управниот одбор на Акционерското друштво “Топлификација” во Скопје на 30 март 1993 година, затоа што со неа се предвидувала обврска за сите нови корисници на топлинската енергија да плаќаат посебен енергетски придонес заради изградба на нови топлани, а не само за оние кои не обезбедиле средства за таа намена преку надоместокот за уредување на градежното земјиште, со што определени субјекти два пати давале средства за иста намена, поради што Одлуката не била во согласност со Законот за градежното земјиште.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука престанала да важи со Одлуката од 12 октомври 1993 година и дека е сега во важност одлука донесена на 7 февруари 1994 година. Понатаму, Судот утврди дека Одлуката која е сега во важност има истоветна содржина со оспорената одлука со таа разлика што утврдува повисок износ на придонесот. Исто така, Судот утврди дека со точката 1 на одлуката од 7 февруари 1994 година се воведува енергетски придонес и се определува неговата висина по 1м2 станбен односно деловен објект, а со точката 2 од Одлуката се определува обврска за сите инвеститори на објекти – нови корисници на топлинска енергија да го плаќаат придонесот воведен со цел да се изградат нови топлински објекти со кои ќе се создадат енергетски можности за новите приклучувања.

Понатаму, Судот утврди дека програмите за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 1993 и 1994 година, донесени од Собранието на градот на 4 јуни 1993 и на 12 мај 1994 година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.9/93 и 3/94), пропишуваат средствата обезбедени преку надоместокот за доделување и уредување на градежното земјиште да се наменат за изградба на, покрај другото, секундарна топлификациона мрежа, а не и за изградба на топлани.

4. Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи и што Одлуката која е сега во важност не се предвидува обезбедување средства два пати за иста намена, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.