Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 204 од Самоуправната спогодба за општите услови за вршење ПТТ услуги (“Службен лист на СФРЈ”бр.35/88).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за зголемување на цените на ПТТ услугите, донесена од Работничкиот совет на ПТТ “Македонија” Скопје на 25 мај 1992 година, и Ценовникот за ПТТ услугите во внатрешниот ПТТ сообраќај, донесе од истиот работнички совет на 15 јуни 1992 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Митрушевски од Скопје и Јовановски Радослав од Титов Велес, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив било предвидено да се плаќа претплата за телефон, која имала карактер на такса која можела да се воведе само со закон, што било предвидено да се наплаќаат 2% манипулативни трошоци за кои поштата немала додатни ангажирања и затоа што одлуките со кои се зголемувале цените на ПТТ услугите имале повратно дејство.
4. Судот на седницата утврди дека според член 198 од означената Спогодба телефонски претплатник е правно лице или поединец кој телефон односно телефонски уред, на негово барање е приклучен на телефонска централа за јавен сообраќај. Претплатничкиот однос, според член 199 од Спогодбата, се засновува по барање на правно лице или поединец, ако се исполнети условите предвидени во законот и со општите услови. Телефонските претплатници, според оспорениот член 204 од Спогодбата, се во претплатнички однос со ПТТ организацијата на чија мрежа се приклучени нивните телефонски уреди и тие, покрај цената за вршење на телефонски услуги, плаќаат и определен износ на претплата. Претплатата е амесечен износ што од телефонските претплатници се наплатува како надомест за ставање на телефонските средства на располагање на телефонските претплатници, без оглед дали ги користат или не. Телефонската претплата се плаќа месечно однапред.
5. Со член 55 став 1 и 3 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото кои можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природната и животната средина или здравјето на луѓето. Со Законот за ПТТ услугите (“Службен лист на СФРЈ” бр.2/86 и 26/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички, се уредуваат односите помеѓу организациите на поштенскиот, телеграфскиот и телефонскиот сообраќај и корисниците на ПТТ услуги во ПТТ сообраќајот. ПТТ услугите, според член 2 од овој Закон, се вршат врз основа на договор, под условите определени со овој закон и со општите услови за вршење на ПТТ услуги. Со општите услови за вршење на ПТТ услуги се уредуваат единствените услови под кои ПТТ организациите ќе вршат одделни видови ПТТ услуги и се утврдува постапката за остварување на меѓусебните права и обврски на ПТТ организациите и корисниците на ПТТ услуги во согласност со одредбите на овој Закон и со одредбите на другите закони што се однесуваат на ПТТ сообраќајот. Според член 3 од овој закон ПТТ услуги се вршат по правило, врз основа на договор по пристапување. Во член 10 од Законот е предвидено дека цената за извршување на ПТТ услуги се плаќа однапред, ако со договорот меѓу ПТТ организацијата и корисникот на ПТТуслуги не е поинаку определено.
Според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, се применува како републички, претпријатијата ги формираат цените слободно, според условите на пазарот.
Со оглед на изнесеното ПТТ организациите се самостојни и слободни при формирањето на цените на своите услуги, во кои рамки можат да определат дел од цената да се се плаќа во вид на претплата, како месечен износ кој се плаќа однапред како надоместок за ставање на телефонските средства на располагање на телефонските претплатници.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 204 од Спогодбата со означените уставни и законски одредби.
6. Во однос на оспорената одлука и ценовникот Судот утврди дека со оглед на тоа што со Законот и со општите услови се утврдува начинот на плаќање на цените на ПТТ услугите, а со оспорените акти се утврдува само висината на цената на ПТТ услугите, тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што согласно оваа уставна одредба Уставниот суд е надлежен да одлучува за согланоста на прописите со Уставот и законите, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за уставнсота и законитоста на оспорените акти.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.