62/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јули 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 245 и 246 од Законот за предучилишно и основно воспотание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91), во делот што се однесува на учеството на учениците во постапката за именување на директор на основно училиште.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Централното основно училиште “Кирил и Методиј” од село Бучин, Општина Крушево, со решение У.бр.62/93 од 16 февруари 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на членовите 245 и 246 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, во делот што се однесува на учеството на учениците во постапката за именување на директор на основно училиште, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 58 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според одредбата на член 245 став 1 од Законот за предучилишното и основното воспитание и образование, во одлучувањето за работите од посебен општествен интерес во основните училишта учествуваат и делегатите на учениците од VII и VIII одделение, а според ставот 2 од овој член, бројот, составот и времето за кое се избираат како и начинот на нивното учество во одлучувањето за работите од посебен општествен интерес, се утврдува со статутот на основното училиште. Понатаму, во член 246 став 1 од Законот, е утврдено делегатите на учениците да учествуваат во именувањето и разрешувањето на индивидуалниот работоводен орган, односно претседателот на колегијалниот работоводен орган на основното училиште, а според ставот 2 од овој член, одлуката за тоа се смета за донесена, ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број и од делегатите на учесниците.

5. Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според ставот 2, учеството во управуваањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Тргнувајќи од тоа дека со оспорените делови на означените законски одредби е пропишано во постапката за именување на директор да учествуваат и учениците, Судот оцени дека со тоа се повредува принципот на стручноста и компетентноста во управувањето со основните училишта, како јавни установи, односно дека членовите 245 и 246 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование, во делот што се однесува на учеството на учениците во постапката за именување на директор на основното училиште не се во согласност со одредбите на член 58 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.