50/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 и 7 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на актот според кој се наплатува камата на неплатена струја преку определениот рок и актот според кој се наплатуваат тарифни единици на потрошена струја.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дионисие Папацафа од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека ЈП “Електростопанство на Македонија” нема донесено посебни акти за наплата на камата на неплатена струја преку определениот рок и наплата на тарифни единици на потрошената струја.

Судот утврди дека обврската на должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на парична обврска, покрај главницата да плати и камата, произлегува од член 277 од Законот за облигационите односи, и дека висината на стапката на затезната камата е уредена со Законот за висината на стапката на затезната камата.

Судот, исто така, утврди дека наплатата на основен придонес за пресметковна моќ за продажба на електрична енергија кај категоријата домаќинства е уредено со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија.

4. Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не ги оспорува Законот за облигационите односи и Законот за висината на стапката на затезната камата ниту, пак, Тарифниот систем за продажба на електрична енергија, туку оспорува акти на ЈП “Електростопанство на Македонија” кои всушност не постојат, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.