228/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА актот бр.03-2375/1, донесен од Фондот за здравствено осигурување на 21 мај 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Фондот за здравствено осигурување на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на претседателот на Синдикалната организација во Работната организација “Бамби” во Македонска Каменица, со Решение У.бр.228/93 од 31 март 1994 година, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот акт кој има карактер на пропис за извршување на закон, се задолжуваат подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување да не им ги надоместуваат средствата на осигурениците кои ги дали заради купување на лекови од општествените и приватните аптеки во Републиката и “Реплек” Македонија, што се наоѓаат на листата на лекови кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување.

5. Според член 34 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93) правата од задолжително здравствено осигурување осигурениците и членовите на нивните семејства ги остваруваат во Фондот за здравствено осигурување под услови и начин утврдени со овој закон и со општите акти на Министерството за здравство. Согласно член 59 став 1 точка 3 од Законот, заради остварување на загарантираното право и утврдените потреби и интереси на општеството и остварување на правата и обврските од здравственото осигурување, Министерството за здравство го утврдува обемот на здравствените услуги што паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување и учество на осигурениците во цената на одделни здравствени услуги и лековите, а согласно точката 8 на став 1 на ~лен 59 од Законот, Министерството за здравство, покрај другото, ја утврдува листата на лекови и санитетски материјални средства кои можат да се препишуваат и издаваат на рецепт на товар на средствата за здравствено осигурување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека за обезбедување на основната здравствена заштита, Министерството за здравство е овластено со општ акт поблиску да го определи обемот на здравствените услуги што паѓаат на товар на фондот за здравствено осигурување, како и да ја определи листата на лекови што паѓаат на товар на фондот и учеството на осигурениците во цената на здравствените услуги и лековите.

Со Законот не се предвидува овластување на фондот за здравствено осигурување да го уредува прашањето за правата на осигурениците во врска со користењето на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурувње, а уште помалку да не им ги признаваат законските права на користење на лековите од таа листа.

Со оглед на тоа што со оспорениот акт се предвидува да не се надоместуваат средствата за купените лекови од страна на осигурениците, и покрај тоа што се наоѓаат на листата на лекови што паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.