179/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 7о алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за уредување на условите и начинот за доделување станови за социјални случаи во Општината Титов Велес (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.1/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Скендер Еминов од Титов Велес, со решение У.бр.179/93 од 27 април 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за согласноста со член 3 од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88 – пречистен текст, 21/89, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93).

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдуваат условите и начинот по кој ќе се доделуваат станови во сопственост на Општината и станови со кои по било кој основ управува Општината Титов Велес.

5. Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.11/91), со кој е изменет член 3 од Законот за станбените односи, право да даваат станови на користење имаат општествените претпријатија и другите општествени правни лица, како и органите на Републиката, политичките организации и општествените организации.

Од означената законска одредба произлегува дека општината, како единица на локалната самоуправа, односно нејзините органи немаат право да даваат станови на користење.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука на Собранието на Општината Титов Велес е пропишано Општината, односно Комисијата за урбанизам на Собранието да доделува станови на користење, иако според Законот за станбени односи такво право немаат, Судот оцени дека Одлуката не е во согласност со Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.